Во новата сезона од Лига на шампиони ќе играат и македонските репрезентативци Елиф Елмас (Ред Бул Лајпциг), Аријан Адеми и Стефан Ристовски (Динамо Загреб) и Бојан Миовски (Жирона).
Претставници на регионот ќе бидат Динамо и Звезда.
Синоќа во Белград Црвена Звезда славеше со 2-0 против норвешкиот првак Бодо Глимт и ја надомести негативата од еден гол (2:1) од првиот меч во Норвешка.
На реваншот во Белград пред 50.000 гледачи резултатот го отвори бразилскиот центарфор Бруно Дуарте со гол од пенал во 26’ минута а стоперот Урош Спајиќ донесе делириум на трибините во 59’ минута после гол со глава по корнер.
Црвена Звезда обезбеди нов пласман во групна фаза на некој еврокуп што ќе донесе нов прилив на средства од УЕФА, од спонзори, од тв права, од реклами, од карти и секако од продажба на клупски реквизити. Ова ќе биде четврти настап на Црвена Звезда во новата Лига на шампиони во изминативе години.
УЕФА го зголеми наградниот фонд за новото издание во новава сезона кое ќе се разликува од сите претходни и ќе има само една табела.
Динамо Загреб е рекордер во регионов откако успеа по дури 9-ти пат да обезбеди пласман во Лига на шампиони. Клупската каса на „модрите“ ќе се надополни со најмалку 34 милиони евра, а Стефан Ристовски, Аријан Адеми и соиграчите ќе играат повторно во кремот на европскиот фудбал.
Динамо во својот прв меч од баражот за Лига на шампиони дома го совлада Карабах со 3-0 со головите на Сандро Куленовиќ (два) и Марко Пјаца, а на реваншот синоќа победи и на гости 0-2 со уште еден гол на Пјаца и автогол на Матеуш Силва.
Покрај Динамо и Црвена Звезда, синоќа пласман во Лига на шампиони обезбедија уште и Лил и Слован Братислава.
Доцна синоќа УЕФА ги објави и шеширите пред вечерашната ждрепка која почнува во 18:00 часот.