Оле Гунар Солскјер реши да експериментира со составот во 1. коло од групната фаза во ЛЕ, па на терен истрчаа Гринвуд (17), Ејнџел Гомез (19) и Тахит Чонг (19). На евронатпревар Манчестер не пуштил волку тинејџери уште од 2009 година кога во игра беа Македа, Велбек и бекот Рафаел.
Тимот од Казахстан синоќа се држеше одлично до средината од вториот дел. Манчестер имаше 20:3 во удари со 7:0 во рамки на голот, но мрежата ја затресе дури во 73’ минута благодарение на сјајниот продор на Мејсон Гринвуд кој прими една топка и направи дар мар.
„Изгледаше како Ван Перси некогаш“, изјави Овен Харгрејвс во студио за малиот Гринвуд.
Овој гол беше единствен на мечот и му донесе на Јунајтед 3 бода на старт од Лига Европа како и парична награда од УЕФА.
Мејсон Гринвуд во Јунајтед е од свои 6 години. Ова беше негов прв гол за сениорскиот состав.
Со 17 годин и 353 дена Гринвуд и официјално стана најмладиот стрелец за Манчестер Јунајтед во историјата на еврокуповите. Претходно рекордот го држеше Маркус Рашфорд, а далеку пред него беше Џорџ Бест.
Гринвуд е и првиот играч роден во 2000-те кој постигнал гол за Јунајтед. Во март годинава тој стана најмладиот дебитант за Јунајтед во ЛШ кога влезе од клупата за резерви против ПСЖ. После пар денови Гринвуд дебитираше и во Премиер лига, но таму рекордот беспрекорно го држи Ејнџел Гомез.
Оле Гунар Солскјер после мечот поделил комплименти за талентот: „Секогаш знаевме дека ова дете е еден од најдобрите финишери во нашиот напад. Треба само да му дадете топка во реон на шеснаесетникот и нешто ќе се случи. Тој ќе биде многу важен играч за нас сезонава“.
Летово многу се чудеа кога Манчестер реши да го пушти Ромелу Лукаку во Интер и остана со еден резервен напаѓач после Рашфорд и Марсијал. Но 17-годишниот Гринвуд веќе покажува дека ќе биде сериозна опција. Во Премиер лига досега сезонава одигра 47 минути на 4 натпревари вкупно, а Солскјер вели дека ќе му дава повеќе време за игра.