АЛ АХЛИ - ЗАМАЛЕК (Каиро, Египет)
Првиот меѓусебен дуел овие два тима го одиграле во 1917-та година и во 213 натпревари, Ал Ахли има 90 победи, а Замалек 52. Најголемата посета на овој натпревар била во 1993-та година кога дербито го гледале 120.000.
Кога англискиот судија Стив Кларк пред 16 години добил повик од египетскиот фудбалски сојуз да го суди градското дерби во Каиро, немал претстава колку фанатици има на тамошните стадиони. Градските ривали немале доверба во ниту еден домашен судија, па барале странски.
„Годината пред да ме повикаат, барале помош од француските судии, но тие ги одбиле. Нè советуваа да не објавуваме во јавноста дека ние ќе судиме, но и покрај тоа на аеродромот нè пречекаа неколку навивачи кои вршеа притисок да свириме во нивна корист", вели Кларк, кој е ветеран на англиските и шкотските дерби дуели.
По чудниот пречек на аеродромот, Кларк се изненадил кога видел дека националниот стадион во Каиро со капацитет од 70 илјади гледачи е полн до последното место.
„Дојдовме 90 минути пред почетокот на мечот и сè беше релативно мирно иако стадионот беше преполн. Кога го означив почетокот следуваше вистинско лудило", констатирал Кларк.
На последната репортажа за најнасилните дерби натпревари во светот, „Гардијан“ го смести египетското дерби на шестото место.
Навивачите на Ал Ахли во Египет важат за националистички ориентирани, а таквата идеологија ја правдаат во фактот што за нивната екипа секогаш играле само играчи од Египет.
ЕСТЕГАЛ - ПЕРСЕПОЛИС (Техеран, Иран)
Овие градски ривали првата битка ја имале во 1968-та година. Во 78 меѓусебни средби, Естегал има 24, а Персеполис 17 победи. Најголема посета: 128.000.
За фанатизмот во иранското фудбалско дерби најмногу кажуваат зборовите на Ирецот со либиско потекло, Имон Зајед, кој стана првиот странец кој постигнал 3 гола на овој дерби натпревар.
„Можете ли да замислите дека за техеранското дерби се пишува еден месец пред и еден месец потоа во иранските весници. Јас постигнав хет-трик во вториот настап за Персеполис и станав херој. Денот на дербито меѓу Естегал и Персеполис е поважно од сè во Техеран.", вели Зајед за ББС.
ЏЕНОВА - САМПДОРИЈА (Џенова, Италија)
Првиот меѓусебен дуел е одигран во 1947-ма година и во досегашните 91 средба, Џенова има 23 победи а Сампдорија 34. Најголемата посета датира од 1992. година кога на стадионот имало 60.000
Џенова е најстариот клуб во Италија, основан во 1893-та година, а нивниот ривал Сампдорија е оформен 53 години подоцна.
Покрај големиот број инциденти и скандали кои го пратат ова градско дерби, минатогодишниот случај „Рамбо" беше кулминација на „Дерби дела Лантерна". На ден пред натпреварот, помошниот тренер на Џенова Лука Де Пра отишол во кампот на Сампдорија и се качил на дрво за да ја открие тактиката на ривалите.
Откако го виделе, Де Пра се правдал дека тоа е негов легитимен „модус операнди" и дека никој нема право да го симне од дрвото. Викендов се одигра 92. дуел меѓу Дорија и Џенова, а „сините“ излегоа како победници со голот на Габјадини во 75' минута.
„Половина град навива за Џенова, а пола за Сампдорија. На денот на дербито се заборава кој со кого е брат, комшија, братучед, колега. Се облекува шал или дрес од својот клуб и се тргнува кон стадионот. Тој ден е навистина посебен", вели Џанлука Вијали, кој одиграл преку 10 дерби дуели, како играч на Сампдорија.
МОХУН БАГАН - ИСТ БЕНГАЛ (Калкута, Индија)
Првиот дуел е одигран во 1925-та година. Меѓусебни натпревари: 308; Мохун има 106 победи, Ист Бенгал 116.
Ова градско фудбалско дерби е единствениот настан кој му пркоси на крикетот, кој е најпопуларен спорт во Индија. Мохун Баган важи за клуб за кој навива повисокиот сталеж во Калкута, додека Ист Бенгал е синоним за работничката класа која во градот мигрирала од помалите места.
Во 1997. година, натпреварот меѓу овие два тима го сруши и официјалниот рекорд за посета на фудбалски натпревари. Дури 131.000 гледачи го гледале градското дерби.
„За натпреварот владее голем интерес во целата земја. Има луѓе кои патуваат со денови од помалите места, само да присуствуваат на дербито. За тоа колку е важен исходот од мечот зборува и големиот број расправии во семејствата, каде некои се за Мохун, а некој за Бенгал", раскажува Ерик Бени, поранешниот селектор на индиската фудбалска репрезентација.
Дербито во Калкута важи за најголемото азиско фудбалско дерби, и покрај тоа што фудбалот во Индија сè уште не е на високо ниво, како што е крикетот.