Лев се откажа од најдобриот германски играч
Никој од германските фудбалери сезонава не играше подобро од Лерој Сане. Селекторот Лев не го викна за Светско поради тактички причини, пасивност на тренинзите и тоа што наводно не ги забележува соиграчите на терен.
Ако човекот кој сезонава во Премиер лига намести 15 асистенции за гол не ги забележува соиграчите, тогаш Дракслер и Брандт кои играа на Мундијалот цела сезона играа со превез на очите.
Алиби во одлуката Јоаким Лев бараше во бледата игра на Сане на последните натпревари за репрезентацијата (на последните 9 само една асистенција). Но Јоги наместо него го одбра Јулиан Брандт од Леверкузен кој на 9 меча за Германија имаше само 2 асистенции.
Најверојатна причина за отстранувањето е поведението на Лерој. Минатата година тој требаше да дојде на Купот на Конфедерации но одби поради операција на носот. Лев потоа дознал дека операцијата комотно можела да се помести за друг датум.
Сане често и не правел така како што барал селекторот. Ако Јоаким Лев треба да бира меѓу играч кој ќе ги извршува неговите задачи но периодично ќе мести и дава голови или играч кој е своеволен но може да создаде гол-шанса, тој секогаш ќе го одбере првиот.
Затоа во селекцијата е викнат Антонио Рудигер - послушниот стопер на Челси кој често греши во одбрана. Напаѓачот на Вердер Бремен Макс Крузе последните две години е најдобар германски центарфор но за Лев тој е неодговорен и во секој момент може да избувне и да го скрши телефонот на некоја новинарка ако го праша зошто јадел чоколадо пред мечот.
Озил и Гундоган под притисок на навивачите
Пред два месеци клучните фудбалери на Германија во Лондон се сретнале со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во неговата кампања за претседателски избори, и во следните неколку недели таа вест ја оптоваруваше цела германска репрезентација.
Во Германија Ердоган има репутација на диктатор кој апси неистомисленици, ја задушува опозцијата и носи закони во своја полза. Тоа не му се допаднало на Германскиот фудбалски сојуз и навивачите. Овде пишувавме повеќе за тоа.
Во генералката пред Светското, против Саудиска Арабија Илкај Гундоган влезе од клупата за резерви во второто полувреме и до крајот од мечот му свиреше цел стадион во Леверкузен при секој контакт со топката.
„После мечот влегов во соблекувална за да го поддржам Илкај. Тој седеше скршен и се виде дека многу го погоди таквата ситуација“, изјави Лев после пријателската со Саудиска Арабија.
Bild пишуваше и дека во Германија неколку изгредници му ја демолирале колата на Илкај. Озил колку толку избегнал свирежи затоа што дента не влезе на терен поради повреда. Својата порција хејтање Месут ја доби веќе на првите натпревари на Мундијалот. Сето ова се одразило на двајцата играчи кои се и тоа како важен дел од играта на Германија.
Неубедлива игра на контролните средби
Непријатната епизода во која се најдоа Озил и Гундоган можно беше да се заборави ако Германија отидеше на Светско во топ форма. Но Германците поминаа слаби подготовки: минималната и тешко остварена победа над Саудиска Арабија ја прекина серијата слаби игри на пријателските која почна во ноември лани. Последен пат Германците толку долго не можеле да победат пред 30 години.
Стручниот штаб отворено беше незадоволен од формата на Месут Озил и не криеја дека од него очекуваат повеќе. Прво да создава шанси за гол. Озил кој стои на средината од игралиштето делуваше неубедливо а притоа имал и проблеми со коленото.
Левиот бек Јонас Хектор премногу заостануваше зад работоспособниот Јозуа Кимих на спротивната страна. Од Хектор се очекуваа современи уфрлувања во нападот и концентрација во одбраната но тој во последно време многу грешеше во дефанзивата, како за клубот така и во репрезентацијата (последна епизода беше победничкиот гол на Австралија во пријателскиот меч пред Светското).
Капитенот пропушти буквално цела сезона
Јасно беше дека Лев ќе го земе Мануел Нојер на Светско. Прашањето беше дали Јоги ќе има смелост да го седне на клупа капитенот на репрезентацијата кој не бранеше во претходните осум месеци поради повреда.
Оваа одлука на селекторот Лев упорно да инсистира на Нојер иако Марк-Андре тер Штеген имаше сјајна сезона во Барселона а остана осуден да биде вечен дублер на Нојер можеби е главна причина за слабата Германија.
Далеку поголема сигурност на голот ќе донесеше Тер Штеген кој имаше најдобра сезона во кариерата и неколку пати беше капитен на Барселона.
Репрезентацијата престана да се менува
Пред да го освојат Светското 2014 Германците неколку години одеа по патот „сребро-бронза-бронза-злато“.
На почетокот на 2010-те ги освоија сите титули во јуниорскиот и младински фудбал, се играше германско финале на Лига на шампиони и секоја година во репрезентацијата влегуваа по тројца-четворица фудбалери од светска класа кои во неа не се задржуваа многу.
Денес неочекувано кај Германија се јавија кадровски проблеми. Фудбалските школи работат како и претходно но талентирани деца кои ќе бидат фрлани во сениорски фудбал има се помалку.
Во Светското 2010 во Јужна Африка Германија во ист момент ја засилија Озил, Кедира, Боатенг, Нојер и Милер - сите победници на Европското првенство до 21 година во 2009. Јоаким Лев ги игнорираше сите шампиони од Европското U-17 во 2017 година.
Во последните пар години тој приклучи само две млади откритија - Кимих и Вернер. За работата да биде уште полоша Лев како резерви ги повика Матијас Гинтер, Себастијан Руди и Марио Гомез а ниту едно од свежите лица од златниот Куп на Конфедерации лани во Русија.
Сандро Вагнер сезонава играше далеку подобро од Гомез и даде многу повеќе голови од него но Лев не го викна напаѓачот на Баерн Минхен ниту на поширокиот список и подготовките за Мундијал.
Почетниот состав на Германија кој на 17 јуни изгуби од Мексико беше дури 90% ист како пред една година.
Светски шампион кој сака да ја одбрани титулата има право да прави како што мисли но не толку предвидливо.