Дебитанти и повратници во Лигата на шампиони

Сите 16 клубови пред осмина-финалето пратија до УЕФА нови листи на регистрирани фудбалери, а тоа ќе им овозможи на јануарските засилувања да ја осетат магијата на најелитниот клупски фудбал.

ХУАН КУАДРАДО (Челси)

Колумбиецот беше еден од најскапите фудбалери во јануари. За него Челси на Фиорентина ѝ плати 33 милиони евра, а Куадрадо за првпат во кариерата ќе игра Лига на шампиони. Пет дена по потписот со Челси, Куадрадо дебитираше за сините во Премиер лигата, кога влезе наместо Вилијан против Астон Вила. На 11. февруари, Куадрадо првпат беше во почениот состав, против Евертон на Стемфорд Бриџ. Вечерва би можел да дебитира и во Лигата на шампионите, против ПСЖ.

МАРТИН ОДЕГАРД (Реал Мадрид)

Кралскиот клуб во регистрираше 16-годишниот Норвежанец за новата фаза од ЛШ. Малиот вундеркинд за 4 милиони евра дојде од Стомсгосед и никогаш не играл во некое европско, клупско натпреварување. Ако Реал ја оправда фаворитската улога против Шалке, Одегард би можел да ја слушне химната на ЛШ од теренот.

ЛУКАС СИЛВА (Реал Мадрид)

Одегард нема деби за првиот тим на Реал Мадрид, но има Лукас Силва, Бразилецот кој дојде во јануари од Крузеиро. Поради повредата на Лука Модриќ и слабата форма на Кедира, Анчелоти реши да го вметне Лукас Силва на листата пријавени фудбалери за ЛШ.

ВИЛФРЕД БОНИ (Манчестер Сити)

Најмногу пари во јануари потроши, очекувано, Манчестер Сити кој за Вилфред Бони плати 40 милиони евра. Сепак, веста која погласно одекна е дека Бони е регистриран за ЛШ, наместото на Стеван Јоветиќ, кој изјави дека одлуката на Пелегрини да не го регистрира „го убила". Бони би можел да дебитира против Барселона следната недела.

ФЕРНАНДО ТОРЕС (Атлетико Мадрид)

Човек повеќе за Атлетико Мадрид во ЛШ - кој би рекол пред еден месец? Се вика Фернандо Торес, духот од Милано што се препороди во Мадрид, каде ќе му биде од помош на Марио Манџукиќ во двомечот од осминафиналето со Баер Леверкузен.

ОЛИВИЕ ЖИРУ (Арсенал)

Не е јануарски трансфер, но како да е. Французинот Оливие Жиру повторно е на листата на регистрирани фудбалери за ЛШ во Арсенал. Пет месеци беше надвор од теренот поради скршеница на потколеницата и не играше во ЛШ цела есен.

ФРАНСИС КОКЕЛАН (Арсенал)

Освен во нападот, Арсенал се смени и во средината на теренот за ЛШ, каде свое место најде Франсис Кокелан. По неколку позајмици во други клубови, Кокелан конечно заигра стандардно во Арсенал и ќе биде еден од носителите на играта на „топџиите“ во двомечот со Монако.

ГАБРИЕЛ ПАУЛИСТА (Арсенал)

Третиот нов играч на Арсенал во ЛШ дојде од Виљареал. Стоперот Габриел Паулиса го чинеше Венгер 20 милиони евра и сигурно ќе биде големо засилување за одбраната. Веќе дебитираше за тимот од Емирати, во купот против Мидлсборо.

ПЕПЕ РЕИНА (Баерн Минхен)

Баерн Минхен е толку моќен што делува дека не му треба никакво засилување. Сепак, Пепе Реина е одлична замена за Мануел Ноер, кој ќе треба да одмори некој натпревар сезонава, затоа што Баварците играат на три фронта. Баерн го регистрираше Реина за ЛШ.

КЕВИН КАМПЛ (Борусија Дортмунд)

Пред дербито со Јувентус во осминафиналето, се засили и Борусија Дортмунд, 15-пласирана екипа во Бундеслигата. На Сигнал Идуна арената во јануари пристигна Кевин Кампл, Словенец кој дојде од Салцбург.

АЛЕСАНДРО МАТРИ (Јувентус)

Но и Јувентус има три нови карти во ракавот за средбата со Германците. Двајца не се новост, затоа што веќе играа за црно-белите, од кои еден е Алесандро Матри. Напаѓачот играше во Лигата на шампионите во времето на Антонио Конте.

ПАОЛО ДЕ ЧЕЉЕ (Јувентус)

По распадот на Парма, Де Чеље ја раскина позајмицата со „млекарите" и се врати на Јувентус Арената во Торино. Левиот бек ќе биде замена за повредените Азамоа и Ромуло, кои ќе отсуствуваат подолго. Како и Матри, така и Де Чеље веќе има играно за Јувентус во ЛШ.

СТЕФАНО СТУРАРО (Јувентус)

Правата новост од „зебрите" се вика Стефано Стураро, кој го купија минатото лето од Џенова, а играше како позајмен во Торино до февруари. За првпат ќе игра во Лигата на шампионите, а тренерот Алегри изјави дека сериозно го планира играчот за врска за првиот состав.