„Во кариерата земав многу лекови против болки. Знаев дека не се здрави и на крајот престанав. Не се истакнувам себеси, но се надевам дека другите спортисти ќе престанат. Ништо повеќе од едно или две апчиња", вели Агер за Jyllands-Posten, а пренесува Гардијан.
Една недела пред мечот против Копенхаген во март 2015-та, Агер се повредил и бил неизвесен за мечот, но очајно сакал да игра по секоја цена во дербито. Една недела тој користил максимално препорачана доза на лекови - две и три апчиња на ден, и покрај фактот што лекарите претходно во кариерата му кажале дека таа терапија е за максимум три дена.
Ефектите се различни од лице до лице, а Агер бил многу летаргичен откако ги земал. Тоа го компензирал со многу кофеин.
Сабајлето пред мечот против Копенхаген се напил две апчиња против болки и потоа уште две кога стигнал на стадионот на Брондби. Од таму до стадионот Паркен каде се играл мечот имало 15 минути, а тој заспал во автобусот. Брзо го разбудил соиграчот Мартин Орнсков кој подоцна изјавил дека никогаш во животот не видел такво нешто пред меч.
Агер се уште бил поспан и земал јако кафе и енергетски пијалак пред загревањето. Поминал низ рутината пред мечот во соблекувалните, но се чуствувал ужасно.
„Мислев само едно, а тоа беше да останам во соблекувалната после загревањето затоа што ужасно се чуствував, но го облеков дресот и одлучив да играм", се сеќава Агер кој за малку избегнал трагедија.
Уште во соблекувалната не бил како што треба и неговиот говор воопшто не личел на него. Не бил свесен што се случува околу него. Во еден момент од мечот тргнал со глава да удри една долга топка, наеднаш му се свртело и паднал. По 29 минути игра излегол од теренот. Седнал на клупата за резерви, а набрзо морале да реагираат лекарите. Тој самиот не се сеќава на тоа.
Вечерта кога се вратил дома кај семејството, сопругата Софија не му рекла ништо. Немала потреба од тоа, затоа што многу пати во кариерата го прашувала дали треба да пие толку многу апчиња.
„Цело време ми зборуваше дека треба да престанам да ги пијам лековите, а мене ми влегуваше во едно уво и од друго ми излегуваше. Кога решив да прекинам да играм, таа беше пресреќна затоа што знаеше дека на теренот можам да стојам само поради апчињата", додава секогаш борбениот Даниел Агер кој со Ливерпул ја освои Лигата на шампионите.
Во март 2015-та година Агер кој почнал да зема помалку апчиња открил дека е време целосно да ги прекине. „Телото не можеше да се справи со тоа. Максималната доза треба да се зема три дена и телото ми реагираше, како да ми зборуваше дека е доста. Кога паметот не работи, работи телото", раскажува стоперот со безброј тетоважи по телото.
Пред еден месец официјално на прес-конференција ја прекина својата професионална кариера.
„Дојдов во местото каде што можев повеќе и ментално, и физички. Тоа значи и дека можам да играм уште на добро ниво. Понудите што ги добив зборуваат за тоа, но не сакам да одам надолу. Завршувам со фудбалот некаде при врвот. Отсекогаш викав дека тоа ми е најважно".
Даниел Агер своето деби за Брондби го имал на 19 години во 2004. година и покрај сите проблеми со повредите играше на највисоко ниво цели 12 години. Тоа го чинеше многу и сега отворено советува за опасностите од предозирање со лекарства.
Во Данска се произведува пиво по неговото име: