Во северниот дел на Белгија, во областа Фландрија се говори на холандски, на југот во Валонија на француски, а главниот град Брисел е посебен двојазичен регион. Во источниот дел на Валонија се говори на германски.
Додека во Валонија пропаѓаат фабриките и рудниците и невработеноста порасна на 20%, Фландрија се повеќе се развива индустриски и таму невработеноста изнесува само 6%.
Ова доведе до социјални немири и засилување на фламанскиот сепаратизам кој кулминираше со победата на сепаратистичката партија на изборите во 2010-та година. Изборната победа предизвика голема политичка криза по која Белгија остана без влада дури 541 ден. Претходниот рекорд за најдолго функционирање на земја без влада го држеше Ирак.
Но на оваа партија и се спротивставија две личности кои не се политичари, но станаа нивни главни непријатели.
Тоа се капитенот на белгиската фудбалска репрезентација - Венсан Компани и селекторот Марко Вилмотс.
Капитенот без влакна на јазикот е голем патриот кој храбро им се спротиставува на сепаратистите и често коментира на теми надвор од фудбалот. За него велат дека ги обединува Фламанците и Валонците подобро од било кој политичар.
Вилмотс пак, за разлика од неговиот претходник, Фламанецот Ликенс кој влезе во конфликт со франкофоните играчи, посебно со Азар, е голем белгиски патриот. Мајчин јазик на селекторот е француски, но тој е оженет со Фламанка и чисто го говори холандскиот јазик што не е чест случај за Валонците. Вилмотс кој пред неколку години беше претставник на реформистичка партија во белгискиот сенат, ја воведе праксата за говорење на двата јазика на прес конференциите.
Фудбалерите го обожаваат, а и тој нив: „Спремен сум да умрам за нив. Сите заедно сме во ова", изјави селекторот неодамна.
Белгиските навивачи се уште не можат да го заборават 17 јуни, 2002 - денот кога на Марк Вилмотс му поништија чист гол против Бразил во нокаут фазата на Светското првенство. Црвените ѓаволи беа најтешката пречка на Бразил на патот до шампионската титула. Невозможно е да се предвиди што можеше да се случи доколку судијата не го поништеше голот на Вилмотс.
Вистинско чудо беше што Вилмотс на 33 години по 13 операции во неговата кариера, настапи на неговото четврто Светско првенство. Но тој не само што беше капитен на тимот на Мундијалот во Кореја и Јапонија, туку и постигна гол на секој натпревар во групната фаза. Несреќната елиминација од Бразил беше негов последен натпревар за репрезентацијата, но и последен натпревар на Белгија на големо натпреварување.
Цела декада Белгија не се пласира на ниту едно Светско или Европско првенство. Се до моментот кога Марк Вилмотс се врати во репрезентацијата, но овој пат на нејзината клупа.
Синот на фармер кој го доби прекарот Бикот од Донгелберг (родниот град) заради неговата моќ и борбеност, не поседување голем талент, но успеа во кариерата заради пожртвуваноста, желбата за победа и неговиот менталитет.
Легендата на Шалке кој на германскиот клуб му ја донесе единствената европска титула, го паметат како најпозитивниот фудбалер. Токму тој менталитет му помогна на Вилмотс во неговата кариера и покрај тоа што беше отпишан од многумина заради лимитираните вештини.
Родениот лидер беше предводник на секој тим во кој тој настапувал, а белгиската федерација во вистинско време го назначи за селектор на „златната генерација". Тој успеа да ја скроти репрезентацијата полна со големи егоа и групата на талентирани индивидуалци ја претвори во непобедлив тим.
Само Хрватска успеа да им земе еден поен во квалификациската група А, а останатите осум натпревари Белгијците лесно ги добија, вклучувајќи ги и двата дуели со нашата репрезентација.
Вилмотс ќе ја предводи обединетата Белгија во Бразил каде ќе се соочи со Сколари, истиот селектор кој го предводеше и Светскиот шампион во 2002-та година.