Чиле
Домаќинот Чиле беше најефикасната селекција во групната фаза на Копа Америка со 10 постигнати и три примени голови. Тимот на Хорхе Сампаоли има две победи и еден нерешен резултат и е највисоко рангиран со оцена 7.39. Алексис Санчез го има вториот најдобар индивидуален учинок на турнирот со оцена 7.96, тој има 13 шутеви и 11 дриблинзи. Како што вели нивниот селектор Сампаоли, Чиле понатаму ќе се судри со подобри одбрани отколку оние во групата.
Колумбија
Репрезентацијата која успеа со најскромен учинок да ја помине фазата по групи е Колумбија која упати вкупно 46 шутеви на трите меча, но само шест од нив завршиле во рамките на голот. Избраниците на Хозе Пекерман ќе мора да поработат на ефикасноста, бидејќи единствениот гол им е оној победничкиот против Бразил.
Уругвај
Доста скромен беше и Уругвај кој постигна и прими по два гола во групната фаза и еден во нокаут рундата од домаќинот. Слабата ефикасност се должи на отсуството на Луиз Суарез кој за гризењето на Кјелини на СП заработи долга суспензија. Тандемот во одбраната од Атлетико Мадрид, Диего Годин и Хозе Хименес ги имаа највисоките оценки меѓу уругвајските репрезентативци, со оцени 7.70 за Годин и 7.62 за Хименес.
Бразил
Ништо посебно не видовме ниту од Бразилците. Иако завршија први во Групата Ц, тие не ги оправдаа очекувањата. Кариоките отсекогаш негувале напаѓачки фудбал, но постигнаа само четири гола на три натпревари. Бразил имал најмногу удари кон голот на последниот натпревар со Венецуела и повеќе во споредба со предходните два меча против Колумбија и Перу. Вилиан кој доби шанса на последниот натпревар против Венецуела успеа да креира пет шанси и да добие оцена 7.94. Недисциплинираниот Нејмар по инцидентот против Колумбија ќе биде само гледач на првенството, бидејќи го казнија со четири меча.
Аргентина
Со две победи и четири постигнати голови до четвртфинале стигна и Аргентина. Лионел Меси ја имаше најдобрата оцена во фазата по групи (7.99), имаше најмногу шутеви (17), дриблинзи (20) и најмногу успешни додавања пред противничкиот шеснаесетник, но за сега има дадено само еден гол и тоа од пенал.
Боливија
Како аутсајдер во четвртфинале се пласираше Боливија која играше во група со Еквадор, Мексико и Чиле. При ждрепката им се посреќи да се паднат со Перу, кој заврши како второпласиран во групата Ц. Ниедна репрезентација не заврши со помалку шутеви кон голот како Боливија. Зелено белите имаа само 18 шутеви, поседот на топка 34.7 % и прецизност во додавања од 66.5%. Најдобар играч во составот на Боливија е десниот бек Мигел Уртадо со оцена 7.29. Тој направил вкупно 17 лизгачки стартови.
Перу
Уртадо во четвртфинале ќе се обиде да го сопре најдобриот играч на Перу во групната фаза, Кристијан Куева. Офанзивниот играч на Перу постигна гол во поразот од Бразил и продолжи да ја преставува својата репрезентација во најдобро светло, со 1.3 шутеви и 3 дриблинзи по натпревар со оцена 7.44.
Парагвај
Парагвај е една од трите непоразени репрезентации во фазата по групи заедно со домаќинот Чиле и Аргентина. По поразот во финалето од Уругвај во минатото издание на Копа Америка пред 4 години, Рамон Диас тренерот на Парагвајците смета дека неговиот тим е подготвен да ги исфрли Бразил во оваа фаза исто како што го направија во 2011. Парагвајците тогаш беа подобри на пенали.
ЧЕТВРТФИНАЛНИ ДВОЈКИ:
Чиле – Уругвај 1:0
Боливија – Перу (25.06)
Аргентина – Колумбија (26.06)
Бразил – Парагвај (27.06)