Постои анегдота според која нашите четвртолигаши во Велешта ги пречекувал знак на кој пишува СРЕЌНО, како да влегуваат во рудник. Од таму велат, и Реал Мадрид би бил среќен ако извлече бод, а судијата кој ќе патува таму да свири е лудо храбар.
Од Германија стигна вест за тешко повреден фудбалер на шестолигашот Спарта Лихтенберг, кој го нападнале навивачите на домашниот Берлинер СЦ. Двете екипи играле натпревар за опстанок во лигата и пред крајот на мечот, при резултат 2-2 настанал хаос на теренот.
Напаѓачот Стивен Деи-Квартенг бил навредуван на расна основа и кога ѝ вратил на домашната публика, на теренот влегле 30-ина хулигани и почнала масовна тепачка. Голем дел од нив го нападнале Квартенг, кој доживеал сериозни повреди на носот и може да остане без око.
„Докторите ми кажаа дека може да останам без окото. Се плашам од операцијата“, напишал на Фејсбук 28-годишниот Стивен Квартенг.
Изјава за целиот настан дал и гостинскиот тренер, Драган Костиќ кој тврди дека во тепачката учествувале и фудбалерите и раководните лица на Берлинер СЦ.
„Еден од деликвентите извади нож, но за среќа моите фудбалери успеаа да го соборат“, изјавил Костиќ.
Полицијата во краток рок привела тројца напаѓачи, кои е можно да бидат обвинети за обид за убиство, пишува Берлинер Моргенпост.
„Има фотографии и видеа. Факт е дека фудбалерите и стручниот штаб на Спарта го испровоцираа инцидентот и тепачката“, вели Мајкл Волф, спортскиот директор на Берлинер.
Германската фудбалска федерација го испитува целиот настан и соопшти дека ќе ги санкционира сите учесници во големиот инцидент.