Околу 50.000 гледачи, на Националниот стадион во Варшава направија фасцинантна кореографија на почетокот на мечот, со црвени и бели картони на трибините кои го претставуваа полското знаме. За почит е и големиот аплауз за време на интонирањето на македонската химна.
Nigdy się nie znudzi. pic.twitter.com/2xun4cBKaz
— Przemek Langier (@plangier) October 13, 2019
Нашиот состав претрпе само една измена во однос на триумфалниот меч со Словенија, иако во Полска отпатувавме без повредените Адеми, Барди, Тричковски, Велковски.
Одбраната стандардна со Кире Ристевски, Висар Муслиу и Стефан Ристовски. Наместо повредениот Адеми во средината до Стефан Спировски заигра Бобан Николов, чие место на десната страна го завзема Бејтулаи. Во шпицот Несторовски и Пандев, а зад нив маестралниот Елмас.
Лидерот во нашата група започна во најдобриот можен состав, со капитенот Левандовски во шпицот, со Камил Глик во одбраната и Шчесни на голот.
Првиот удар го имаше Николов во 5' минута но топката отиде далеку над голот. После 11 минути игра Столе Димитриевски се пожали на повреда, но набрзо го продолжи мечот. Полска првпат се закани со страшниот волеј на Левандовски во 15' минута но топката профуче крај нашиот гол.
Две минути подоцна Полјаците имаа два зицери, а еднаш ја погодија и пречката. Во тој период од играта Пандев и Николов добија жолти картони поради прекршоци над противникот. Емотивно потрошени од големата победа над Словенија, нашите фудбалери вечерва се решија за нешто поповлечена поставка, очекувано, ја препуштија иницитијативата над Полска.
По една несмасна реакција жолт картон доби и Несторовски во 34' минута и тоа значи дека ќе го пропушти мечот со Австрија поради парни картони. Најдобриот момент го имавме во 36' минута кога Алиоски распали бомба од слободен удар но Шчесни одби во аут.
Првиот дел генерално изобилуваше со многу дуели (дури 5 жолти картони), прекини и добра игра во одбраната на нашиот тим. На пауза се замина без голови.
Вториот дел донесе нова јалова иницијатива на Полјаците, а македонските фудбалери одлично ги извршуваа сите задачи во последниот ред.
Нашиот селектор првата измена ја направи во 73' минута, кога Трајковски влезе во игра наместо Несторовски, а кај Полјаците Франковски влезе наместо Гросицки.
Само неколку секунди подоцна, за момент падна концентрацијата на нашите стопери и Полска го проби бедемот.
Криховијак упати една долга топка дури од половина на теренот, а Левандовски со „тунел“ го издрибла Кире Ристевски и асистираше до Франковски кој од првиот контакт со топката го отвори резултатот 1-0:
Домашниот селектор како да погоди и со втората измена, па Аркадиуш Милик кој влезе во 68' минута постигна гол од 20-ина метри за 2-0:
До крајот домаќинот го смири темпото на игра и заслужено ги освои трите бода.
Со овој пораз Македонија уште повеќе го отежна патот кон второто место кое води на Европско првенство. Во прилог не ни одеше ниту резултатот од Љубљана, каде Австрија славеше 0-1 против Словенија и се одлепи на 5 бода пред нашата селекција и Словенија.
До крајот од квалификациите играме против Австрија на гости на 16 ноември и три дена подоцна дома во Скопје со Израел го завршуваме циклусот. Австријците освен со нас, играат и со Латвија на гости.
Игрите и резултатите на Македонија во тешката група ни даваат надеж за добар Фајнал Фор од Лигата на нации, во март следната година кога ќе се обидеме да стигнеме до историското прво Европско првенство.