Челси на чекор до финалето во Лига Европа

Минатогодишниот освојувач на Лигата на шампиони се враќа во Лондон со предност од првиот натпревар откако во полуфиналето славеше на гостувањето кај Базел со 1:2. Со минимална предност од 1:0 во Португалија ќе патува и Фенербахче.

Базел - Челси 1:2 (0:1)
Шар 87п - Мозес 12, Луиз 90

Челси си заврши голем дел од работата уште по првиот полуфинален натпревар и преостанува уште да одработи релаксиран реванш во Лондон.

Гостите поведоа во 12-та минута кога по корнерот кој го изведе Лампард, Виктор Мозес ја затресе мрежата со глава.

Фудбалерите на Базел се обидоа да возвратат и направија придисок кон противничкиот гол, но на израмнување чекаа до 87-та минута кога Тери го собори Штокер, а сигурен од белата точка беше Шар.

Но во последните моменти од натпреварот, Давид Луиз изведе слободен удар од 20-тина метри, а голманот Зомер направи голема грешка и по втор пат ја извади топката од својата мрежа.

Фенербахче - Бенфика 1:0 (0:0)
Коркмаз 72

Фудбалерите на Фенербахче во текот на натпреварот три пати ја погодија рамката од голот на Бенфика, вклучувајќи го и неикористениот пенал на Барони во 45-та минута.

Големото славје на „Шукру Сарачоглу" стадионот се случи во 72-та минута кога Коркмаз ја искористи грешката на гостите и го постигна единствениот погодок на натпреварот.

25 април 2013 - 23:10