На „Стемфорд Бриџ“ дојдоа 6 врвни засилувања од кои повеќето се ѕвезди и ќе ги покријат позициите на долги години.
Најскапо засилување е најталентираниот германски фудбалер во моментов, младиот Кај Хаверц. Челси за него на Баер Леверкузен му плати 80 милиони евра плус евентуални 20 милиони во бонуси што го прави еден од најскапите трансфери во клупската историја.
Меѓу првите летово во Челси дојде шпицот Тимо Вернер, германски репрезентативец кој за 53 милиони евра пристигна од Лајпциг. После него Челси потпиша и со бекот на Лестер и Англија Бен Чилвел за кого мораа да одвојат 50 милиони евра.
Навивачите на „сините“ многу ги израдува и трансферот на чудесниот Хаким Зиеш, платен 40 милиони евра од Ајакс. Како слободни агенти, без обештетување пристигнаа ветеранот Тиаго Силва и младиот дефанзивец Маланг Сар од Ница.
Од клубот заминаа Вилијан кој како Давид Луиз реши кариерата да ја продолжи во ривалот Арсеналт и Педро кој бесплатно откако му заврши договорот со Челси, потпиша со Рома.
Лампард и управата имаат намера да донесат и нов голман наместо најскапиот голман на сите времиња, Кепа Аризабалага кој би можел да се врати во Шпанија.
Челси планира да го доведе 28-годишниот голман Едуард Менди од Рен. Иако е роден во Франција, Менди брани за Сенегал од каде потекнуваат неговите родители.
АНАЛИЗА НА ЗАСИЛУВАЊАТА КОИ ГО ПРАВАТ ЧЕЛСИ ФАВОРИТ НА ПОВЕЌЕ ФРОНТОВИ
Тимо Вернер е конечно решение за проблемот на Челси во нападот. Лампард имаше проблеми со слабата ефикасност на досегашните центарфори и се очекува дека германскиот напаѓач ќе го исправи тоа.
За преминот на Хаким Зиеш се дозна уште на пролет. Лампард гради систем сличен на оној на Ерик тен Хаг во Ајакс каде Зиеш беше главен играч. Сега истата улога ќе ја има и во Лондон.
Бен Чилвел ќе ја реши позицијата лев бек. Маркос Алонсо веќе се навикна да игра во одбрана со тројца дефанзивци, па извесно време не му беше комотно на својата матична позиција. Затоа Челси плати 50 милиони евра во Лестер за младиот Британец.
Искусниот Тиаго Силва ќе биде брзо решение за одбраната. Челси го потпиша бесплатно како слободен агент. Тиаго скоро ќе наполни 36 години но сигурно има уште 1-2 сезони на највисоко ниво.
Маланг Сар е долгорочно решение за одбраната. Тој во Челси доаѓа бесплатно како слободен агент. Има 21 година и се очекува искуство во првата сезона да стекне на позајмица. Се смета за еден од најталентираните млади дефанзивци во Европа.
Кај Хаверц од Леверкузен важи за еден од најдобрите млади офанзивци на континентот. За кратко време стане еден од водечките фудбалери во Бундеслига и доби повик за репрезентацијата на Германија.
Што се однесува до позицијата голман, Лампард речиси цела мината сезона повеќе доверба имаше во ветеранот Вили Кабаљеро а најскапиот голман на светот Кепа Аризабалага грееше клупа и ништо чудно да замине од Лондон.
ОД КАДЕ ТОЛКУ ПАРИ ЗА ТРАНСФЕРИ ПОСЛЕ ФИНАНСИСКА СУСПЕНЗИЈА ЗА КРШЕЊЕ НА УЕФА ФЕР ПЛЕЈОТ
Не треба да се заборави дека Челси во последните години одлично продаваше. За прилична сума заминаа Еден Азар (119 милиони евра) и Мората (56 милиони евра). Само од позајмици на фудбалерите кои не играа во Челси, клубот заработил околу 57 милиони евра.
Притоа клубот го растерети и буџетот за плати со тоа што заминаа ветераните Вилиан, Педро и Давид Луиз и ослободија место и пари за нови ѕвезди.
Благодарение на трансфер банот Челси цела 2019-та година сериозно заштеди и на позајмица го доведе само Матео Ковачиќ.
Челси планира уште да продава до крајот на преодниот рок. Најдобро би му легнал трансфер на Виктор Мозес чиј договор Интер би го откупил за 10 милиони евра (Нигериецот играше како позајмен во Италија).
ПОТЕНЦИЈАЛНИ ПРОДАЖБИ:
Кепа Аризабалага (28 милиони евра)
Курт Зума (28 милиони евра)
Андреас Кристенсен (24 милиони евра)
Емерсон (24 милиони евра)
Маркос Алонсо (24 милиони евра)
Абдул Рахман Баба (2,4 милиони евра)
Давиде Ѕапакоста (10 милиони евра)
Нголо Канте (80 милиони евра)
Тиему Бакајоко (25,5 милиони евра)
Дени Дринквотер (4,8 милиони евра)
Кенеди (9,4 милиони евра)
Миши Батшуаји (14 милиони евра)
Речиси повеќе од половина играчи на овој список се на продажба и се очекува Челси да заработи доста од нив, со цел да се покрие пред финансискиот фер плеј.
Сега останува прашањето дали Френки Лампард може брзо да ги воигра сите новајлии во составот. Вернер и Зиеш веќе долго време тренираат со еипата, а од друга страна англиските клубови немаа стандардна традиционална пред-сезона во пресрет на стартот на Премиер лигата закажан за 12 септември.