За време на дерби натпреварите против Спартак Москва и Зенит, Рамзан Кадиров толку често и толку гласно викал во микрофонот од почесната ложа што тоа престана да биде мала шега на големиот газда. Сите емотивни крици и урлања на Кадиров се претвораат во редовна и досадна бука, им сметаат на судиите и на играчите, а предизвикуваат и непријатност кај луѓето покрај телевизорите.
Кадиров многу лесно си игра со микрофонот на натпреварите од најдобрата руска лига. Пред три години за време на мечот Терек Грозни - Рубин грмел: „Судија купен си“. Русија и општо фудбалска Европа не знаат за вакво хоби на богатите газди.
Врисоците на Кадиров можеби не навредуваат никого, но се толку напнати и чудни што вознемируваат. Публиката понекогаш ужива да го слуша, но тој знаел да се заборави.
Фудбалската федерација на Русија пред неколку сезони го казнила клубот Терек со 100.000 рубљи, но тоа не ја подобрило ситуацијата. Раководните луѓе на сојузот продолжиле внимателно да го следат случајот, но барем засега сметале дека не е неопходно да кренат дополнителна бука, затоа што јавноста според нив се интересирала за некои други прашања.
Новинарот на рускиот Совспорт.ру Никита Кириленко, кој во живо го следел мечот Терек - Зенит минатото коло, забележал колку пати и колку долго Кадиров урлал на микрофонот за време на мечот. Најстрашно од се е, вели Кириленко, тоа што публиката во Грозни со одобрување гледа на иживувањето на Кадиров, а многу навивачи се восхитуваат кога тој го коментира судењето од горе на микрофон.
На почеток на мечот - 65 секунди
За време на паузата по фаулот врз Дани - 1 минута
Во текот на првото полувреме - 37 секунди
Во текот на второто полувреме - 28 секунди
Додека Зенит напаѓа барал од публиката да свири - 1 минута
Го коментирал судењето - на 2 пати по 15 секунди.