Ришарлисон игра фантастична сезона во Евертон и важи за еден од најдобрите Бразилци во Премиер лигата. Сезонава имаше 13 гола и 3 асистенции, дебитираше и за Бразил, ама не знаел дали ќе го викнат за Копа Америка летово.
Ришарлисон веќе има 8 настапи за репрезентацијата на Бразил, постигна и 3 гола, но во оваа земја има толку добри фудбалери, што селекторот Тите е на слатки маки кого да одбере.
Одговор на прашањето зошто фудбалот е религија во Бразил најдовме во видеото на кое се гледа како Ришарлисон во кругот на своето семејство седи дома (сите во дресови и шорцеви Бразил) и го слуша во живо читањето на составот за Копа Америка 2019.
Кога спикерот го прочитал неговото име, во домот на Ришарлисон настанала еуфорија:
🇧🇷 | Pure passion.
— Everton (@Everton) May 17, 2019
The moment @richarlison97 found out he’d been selected in @CBF_Futebol’s @CopaAmerica squad. (🎥: @gazetaonline)
Good luck, lad. 💙 pic.twitter.com/OxzqsR8yXL
Купот на Јужна Америка (пандан на Европско првенство) ќе се игра во Бразил од 14 јуни до 7 јули.
*****
Ришарлисон е едноставен дечко од Нова Венесиа. Роден е во мај 1997 година и има 22 години. Во 2014-та година почнал да тренира во младинската школа на Америка Минеиро (првиот тим игра во втората лига на Бразил и никогаш не бил прволигаш). Веќе во 2015-та година Ришарлисон дебитирал за сениорите.
Тој рекол дека ако не го промовирале во првиот тим, најверојатно ќе се откажел од фудбал:
„Ми фалат прсти на рацете да ги набројам клубовите кои ме одбија како помал. Отидов на последна проба во Бело Оризонте. Решив дека ако ме одбијат и таму, завршувам со фудбалот. Немав пари ни за повратна карта за дома. Еден близок другар ми даде нешто пари за 12-часовен пат до Бело Оризонте, а немав карта за назад зошто се потрошив на јадење“.
Ришарлисон го прифатиле во Америка Минеиро, тренерите сфатиле дека малиот има талент и го поканиле да остане во академијата.
Фудбалерот од средниот ред откако дебитирал за првиот тим се прославил во втората лига (9 гола на 24 меча), а на почетокот на 2016-та година за 2,5 милиони евра го купил Флуминенсе!
Веќе во новата средина играл уште подобро, затоа што ги имал сите услови и одлично бил платен. Постигнал 19 гола на 67 меча. Во летото 2017-та го бараа големите европски клубови (Милан, Челси и Ајакс во прв ред) но на крајот најдобра понуда пратил англиски Вотфород чиј тренер беше Марко Силва.
„Сè беше готово за трансфер во Ајакс, но тогаш ми се јави Марко Силва. Ми кажа дека сум му многу потребен, дека ја проучувал мојата игра и ми вети место во нападот. Притоа исто збориме португалски и сфатив дека ќе имаме добра соработка“, раскажал Ришарлисон.
После одличната дебитантска сезона во Вотфорд (5 гола и 7 асистенции во Премиер лига), Ришарлисон потпиша многу богат договор со Евертон каде тренер стана токму Марко Силва. „Карамелите“ за Бразилецот платија околу 40 милиони евра. Вотфорд претходно за него на Флуминенсе му платил 12,5 милиони евра.
****
Риш брзо стана омилен играч на „Гудисон Парк“. Во новиот клуб постигна 3 гола во првите две кола и на крајот на летото 2018 го добил првиот повик да игра за Бразил. Веќе во вториот меч за „селесао“ кај селекторот Тите (против Салвадор) постигна два погодоци.
„Ришарлисон не гледа на страна, тој гледа само напред. Ни претставува нова опција во играта на комбинации, со своето движење помага да се задржи топката во одредена зона. Тоа е негова најголема карактеристика“, рекол селекторот Тите.
Овој фудбалер е универзалец и по тоа се разликува од другите. Сезонава играше најмалку на три позиции: во шпицот од нападот, во средниот ред и на двете крила. Во просек шутира по 2,4 пати по натпревар а секој шест удар му е гол.
Објавувањето на составот е шоу во цел Бразил. Фудбалерите речиси и да не се сигурни кој ќе се најде на списокот, новинарите може само да нагаѓаат. Такви емоции како на горното видео нема никаде. На списокот на Тите не се најдоа неколку суперѕвезди како Марсело и Винисиус од Реал Мадрид и Фабињо од Ливерпул.