По Хрватска која во првиот термин денес после 1:1 во регуларен дел и продолженија, на пенали ја совлада Јапонија, вечерва Бразил многу далеку полесно од очекувањата се справи со Јужна Кореја - 4:0 (полувреме 4:0).
Бразилците буквално танцуваа на теренот и со топка и без топка. Фудбал каков што се гледа само од „кариоките“. Последна нивна генерација која играше вака атрактивен фудбал беше онаа славната од 2022-ра со Роналдо, Ривалдо, Роналдињо и Денилсон која се закити со светското злато.
Вечерва сите голови момците на селекторот Тите ги дадоа уште во првиот дел, до 36' минута. Стрелци: Винисиус Жуниор, Нејмар, Ришарлисон и Лукас Пакета.
Нејмар го постигна 76. гол за репрезентацијата на Бразил и е на само еден гол од досегашниот рекордер Пеле на вечната листа. Токму во чест на легендата која се бори со здравствени проблеми бразилските фудбалери пред мечот држеа банер со неговиот лик и зборови за поддршка.
Стрелец за Кореја беше Пек кој го постигна можеби најубавиот гол на првенството. Ова значи дека на 9. декември светската јавност ќе гледа мега дуел во четвртфинале: Бразил - Хрватска.
По триумфите над Србија (2:0) и Швајцарија (1:0), „кариоките“ како први во групата си дозволија луксуз пораз од Камерун (0:1) во меч во кој сите првотимци одмораа.
Бразил е шеста селекција која обезбеди четврфинале. Ова беше нивна најдобра партија откако се во Катар. Блескаа во најдобар ритам и покажаа дека се фаворит број еден за светското злато.
Сега Нејмар, Пакета, Ришарлисон, Винисиус и друштвото ги чека Хрватска која знае да игра нокаут натпревари што покажа и со Јапонија во 1/8 финалната рунда.
Интересно Бразил постигна четири гола на меч од нокаут фаза од Светско првенство за првпат од 1998-ма година (4-1 против Чиле во Франција).
Селесао постигна четири гола во само 36 минути колку што не дадоа на три меча во групна фаза. Кореа нема победа против Јужно-американска селекција на Светски првенства (2 нерешени и 5 порази) и само Шкотска со 8 порази има повеќе порази од јужноамериканците.
Нејмар вечерва стана само трет Бразилец во историјата што постигнал по најмалку гол на дури три Светски првенства (2014, 2018, 2022). Претходно тоа им тргнало од нога само на најголемите бразилски легенди Пеле (1958, 1962, 1966, 1970) и Роналдо (1998, 2002, 2006).
Бразилскиот селектор е класа: го стави резервниот голман во 80-та минута од почит
Едно историско фото за величината на Пеле
Емоции, солзи и возбуда до небо за деби голот на бато Винисиус на Светско