Фудбалската федерација на Македонија денеска официјално му врачи отказ на Бошко Ѓуровски, а одлуката за прекин на соработката е донесена поради очекувањата на ФФМ и притисокот на фудбалската јавност за подобри резултати во тековните квалификации како и подобар рејтинг на репрезентацијата.
Човекот кој на селекторската фотелја седна по тренерското искуство во Јапонија како помошник на легендарниот Драган Стојковиќ – Пикси, оствари две победи (Летонија и Луксембург), шест порази (Шпанија, Словачка, Украина, Белорусија, Камерун, Кина) и три нерешени (Катар, Кина и Австралија).
Селекцијата ја наследи од в.д селекторот Зоран Стратев по неуспешниот квалификациски циклус за СП Бразил 2014 и по повлекувањето на Горан Пандев и Николче Новески од репрезентацијата. На првата прес конференција рече:
„Ова е еден нов почеток за мене и за репрезентација пред новиот циклус кој се разбира дека сакаме да го започнеме со победа. Сакам на терен да видам играчи победници со карактер кои ќе играат модерен и агресивен фудбал. Треба да го респектираме секој противник, но и да не се плашиме од никого. Само со таков пристап ќе имаме шанса за успеси“, вели Ѓуровски.
За време на неговиот 16 месечен стаж како селектор од назначувањето, или едногодишен од првиот меч, тој правеше драстични промени во составот. Шанса за да го облечат дресот на репрезентацијата им даде на околу 60 фудбалери и пак не најде играчи победници.
Намерата да скрои константен тим по мерка не му успеа, а од толку многу импровизирање на првиот и последниот негов меч гледаме дека настапиле само 7 исти играчи. Тоа се Кристијан Наумовски, Даниел Георгиевски, Ванче Шиков, Кире Ристевски, Дејан Блажевски, Крсте Велкоски и Агим Ибраими.
Повиканите играчи на првиот меч на Ѓуровски на пријателскиот меч Македонија – Летонија, можете да ги видите тука, а доколку ги рипнавте досадните 0:0 против Австралија за составот кликнете тука.
По Андон Дончевски, Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски, Слободан Сантрач, Бобан Бабунски, Среќко Катанец, Мирсад Јонуз, Влатко Костов, Џон Тошак, Гоце Седловски, Чедомир јаневски и Зоран Стратев, Бошко Ѓуровски е 15-ти струњак на малерозната селекторска фотеља.
Македонија ниту ги подобри нападот и одбраната, ниту заигра агресивно и модерно, а ниту го подобри и стилот. По срамниот пораз од Белорусија го фрли во вода и 11-от квалификациски циклус.
За мотивација на фудбалерите, не помогнаа ниту Влатко Стефановски и Даниел Кајмакоски, а од толку многу повикани играчи двајца за малку и ќе се степаа на тренинг.
За сега најдобро ни одеше кога играа легендите или уште поточно за време на Светското фудбалско првенство во Бразил.