Белорусија ќе ја напаѓаме со изменет состав и друг стил на игра

Македонската фудбалска репрезентација за десет дена го игра петтиот квалификациски дуел за ЕП 2016. Селекторот Бошко Ѓуровски го повика братот на ѕвездата на Челси, Немања Матиќ, Србинот Урош Матиќ кој неодамна доби македонски пасош.

Селекторот на нашиот национален тим го објави списокот за мечот против Белорусите, на кој ќе ги нема напаѓачите кои веќе играа во овој циклус Мирко Ивановски, Аце Стојков, Јован Костовски и Адис Јаховиќ, како и дефанзивецот Даниел Мојсов.

Новитети во составот се Урош Матиќ, за кој се очекува дозвола за настап уште од ФИФА, потоа интернационалците Бојан Марковски од кипарскиот тим Аја Напа и Енис Барди кој настапува за Ујпешт од Унгарија.

Ѓуровски ќе им даде шанса и на неколку фудбалери од домашното првенство, а тоа се Баже Тодоровски и Артим Положани од Шкендија, Дејан Блажевски од Вардар, Марјан Радески од Металург и Дарко Велковски од Работнички.

„Некои играчи кои се стандардни не се земени за овој меч бидејќи не сум задоволен од нивната игра, а други не се повикани поради тоа што негативно влијаат во атмосферата во нашата репрезентација. Националнот дрес мора да биде светост за сите и секако мора да се почитуваме меѓусебно. Секој повик кај секој треба да сноси една голема одговорност бидејќи настапува за својата земја“, изјави македонскиот селектор

Македонија по првите четири квалификациски меча оствари една победа и три порази, а слабата реализација од четири постигнати голови, Ѓуровски ќе се обиде да ја поправи со нова тактика.

„Според овој состав се определив за игра која бара многу движење и мобилност во нападот со ниски играчи во офанзива. Се обидовме претходно со центарфори, но не сум задоволен и сега сакаме да се обидеме со друг стил. Белорусија е сериозен противник, го имаат Бате Борисов кој играше во ЛШ, нема да биде лесно, денеска нема лесни противници, но ние веруваме во нас и нашиот избор“, рече Ѓуровски

Натпреварот Македонија – Белорусија се игра на 27 март на арената Филип Втори, а по три дена следува пријателски меч против  селекцијата на Австралија.

ГОЛМАНИ: Томе Пачевски, Кристијан Наумовски, Мартин Богатинов

ОДБРАНА: Ванче Шиков, Бојан Марковски, Даниел Георгиевски, Дарко Велковски, Кире Ристовски, Стефан Ристовски

СРЕДЕН РЕД: Аријан Адеми, Урош Матиќ, Енис Барди, Артим Положани, Александар Трајковски, Марио Ѓуровски, Ферхан Хасани, Благоја Тодоровски, Марјан Радески, Агим Ибраими

НАПАД: Дејан Блажевски, Крсте Велковски, Бесарт Абдурахими