Ѓуровски: Штета што Најдоски не може да игра

И покрај инцидентот на денешниот тренинг и отстранувањето на двајца репрезентативци од националниот тим, Бошко Ѓуровски е расположен пред тешкиот квалификациски натпревар против Словачка.

Со освоени девет бодови по три натпревари Словаците се први во групата, но македонскиот селектор размислува на офанзивен фудбал и постигнување два погодоци кои смета дека ќе бидат доволни за победа.

„Играме против селекција која има три од три, но ние како екипа одиме чекор по чекор, имаме самодоверба и се надевам дека со една дисциплина, добра одбрана и со концентрација во напад може да дојдеме до три бода. Ова за нас е многу важен меч и се надевам фудбалерите се спремни да го оставам на терен. Словачка е многу солидарна, дисциплинирана, сите се борат заеднички, еден гол ќе биде малку, треба два да постигнеме“.

Селекторот на Македонија на местото на суспендираниот Адис Јаховиќ во напад ќе смета на Ацо Стојков.

„Стојков ќе игра, но Најдовски за жал нема да може да игра. Имаме доволен фонд на играчи, добро е што Александар Трајковски се врати и ќе може да настапи. Тука е Давид Бабунски, одлично момче кое супер работи на тренинг. Малку повеќе користи Фејсбук и Твитер кога не е во репрезентација, но тоа не го читам бидејќи не користам социјални мрежи“, изјави расположениот Ѓуровски.

Напаѓачот на Работнички прави кам бек во репрезентацијата по четири години, а минатиов викенд постигна два гола на мечот против Шкендија.

„Со оглед на големите индивидуалци кои може да го решат со еден потег мечот, не очекува крајно неизвесен натпревар. Ако играме како против Украина се надевам на позитивен резултат. Трениравме, се спремавме добро, и ги анализиравме нивните добри и лоши страни. Сега остануваме да го покажеме тоа што го знаеме“, рече Стојков.

За добра атмосфера во тимот се погрижи членот на Барселона.