Нашиот национален тим по четири одиграни кола има постигнато само четири погодоци и има примено 10 голови. Македонскиот селектор даде акцент и на двата проблеми во играта, особено нападот кој се надева дека ќе биде поопасен без Ивановски, Стојков, Костовски и Јаховиќ кои отпаднаа од составот.
„Мислам дека треба утре да одиме на победа и да извршиме притисок на Украина за третото место. Што се однесува до нашата игра до сега мислам дека треба да бидеме задоволни, но имаме проблем со реализацијата и тоа не сум задоволен. Овие денови играчите од напад ми даваат оптимизам дека може да бидеме успешни. Фудбалери како Крсте Велковски, Блажевски, Абдурахими, Трајковски, Хасани...се способни во секој момент да постигнат гол. Се надевам дека утре ќе бидеме сконцентрирани и во одбрана, каде фали поголема комуникација меѓу играчите. Жалам што Адеми нема да може да настапи и тоа ќе биде голем хендикеп. Повеќе жалам за него отколку за Марио Ѓуровски бидејќи тој не играше кај мене и не знам како би се адаптирал“, изјави селекторот Ѓуровски.
Од досегашната игра на Македонија е задоволен и дефанзивецот Ванче Шиков кој смета дека заслужиле повеќе бодови.
„Мислам дека не очекува тежок меч. Сите знаеме дека до сега со исклучок на Шпанија игравме добро и мислам дека заслуживме да имаме 2 бода плус. Сите сме спремни за утрешниот меч и со борбена и мотивирана игра ќе одиме на победа. Очекувам и голема поддршка од публиката“, изјави Шиков
Кратко видување за престојниот меч даде и повратникот во репрезентацијата, Бојан Марковски кој последен пат настапи во 2006 година.
„Овие 3-4 дена откако сме заедно добро ги анализираме противникот. Имаат искусна екипа, им ги видовме предностите и мааните. Ако ги почитуваме советите на селекторот и стручниот штаб мислам дека можеме да се радуваме на позитивен исход“, изјави Марковски
Мечот се игра утревечер на арената „Филип Втори“ со почеток од 20:45, а преку Типстер ќе доделиме гратис влезници.