Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа на 74 позиција на најновото рангирање на Светската куќа на фудбалот, а тоа е втор најдобар рејтинг за годинава по месец март кога бевме на 73 место.
Големите промени на ранг листата на ФИФА очекувано се случија по завршувањето на Мундијалот по кој шампионот Германија се најде на лидерската позиција.
Најголем напредок имаат селекциите на Холандија и Коста Рика кои бележат скок од 12 позиции. „Лалињата“ се искачија на третата позиција зад второпласираната Аргентина, а Костариканците со историскиот пласман во четвртфиналето сега се на 16 место.
Во топ 10 листата на четврто место е Колумбија со скок од 4 позиции, петта е Белгија, па Уругвај. На седмото место е Бразил кој падна за 4 места, а по него поранешниот Светски шампион Шпанија кој бележи пад од 7 места. Меѓу фудбалскиte великани најмногу се посрамоти Англија која падна на 20 место, а тоа е нивниот најлош пласман по 1996 година.
Од нашите противници за ЕУРО 2016 покрај осмопласираната Шпанија, Украина е на 22 место, Словачка на 46, а Белорусија и Луксембург се зад нас на 81 и 108 позиција.