Боатенг може да игра за Гана, а Матиќ не може за Македонија

Братот на ѕвездата на Челси чекаме скоро две години да го облече дресот на македонската фудбалска репрезентација. Албанците имаа 7 фудбалери на ЕП 2016 со идентични случаи како неговиот и тоа не беше проблем за ФИФА, која нејасно е зошто ги кочи работите за Матиќ.

Урош Матиќ беше гостин во ФФМ во декември 2014-та и разговараше со претседателот Илчо Ѓорѓиоски за можноста да заигра за нашиот национален тим. Процедурата за издавање македонски пасош почна и македонската јавност беше во очекување дека за брзо време ќе го види засилувањето во средниот ред на Македонија.

Матиќ има играно за селекцијата на Србија за играчи до 19 години, а право на настап за Македонија има поради тоа што неговиот дедо е роден во тетовското село Волковија.

Со оглед на тоа што поминаа една година и седум месеци откако Матиќ беше во Скопје, малку и го подзаборавивме неговиот случај на кој не потсети macedonianfootball.com кој пронајде дури 9 исти вакви примери во селекцијата на Албанија. Од тие 9 играчи 7 без никаков проблем настапија на Европското првенство.

Каде е проблемот со братот на Немања Матиќ?

Објаснувањето на ФИФА е дека не може да игра за Македонија бидејќи немал македонски пасош од неговата втора земја Македонија во моментот кога настапувал за Србија.

Кевин Принц Боатенг играше за три младински селекции на Германија, а пред Мундијалот во 2010-та ја одбра Гана каде е роден татко му. Во мај 2010-та извади пасош и веќе следниот месец го имаше деби настапот за селекцијата на Гана.

Исто како Матиќ и фудбалерот на Милан немаше извадено пасош од Гана, додека беше младински репрезентативец на Германија, па ФИФА не го спречи како што го спречи Матиќ.

Урош Матиќ пред околу еден месец направи трансфер од НАЦ Бреда во Штурм Грац, а поопширно за него, како и сите случаи во националниот тим на Албанија имате тука.

21 јули 2016 - 12:08