Биографија на големиот Тите - човекот што го сака цел Бразил

Денес Бразил игра против Хрватска за второ полуфинале на Светско првенство уште од 2002 година. За цели 20 години кариоките кои се најтрофејни со дури 5 светски титули, на претпоследно скалило стигнаа на Мундијал во 2014-та на домашен терен. Интересно, ги води човек за кого многу малку се знае во Европа и ретко кој што пишува.

Да го запознаеме селекторот кој влезе во историјата на големиот Бразил. Никој пред него не работел повеќе од шест години со Селесао. Тите на клупата на Бразил седи 2.389 дена. До денес ги водел на 80 натпревари и има во просек по 2,45 освоени бодови од натпревар.

На клупата седнал на 16 јуни 2016-та а договорот му истекува на 31 декември 2022. Речиси и да нема Бразилец кој не би сакал Тите да продолжи и натаму да ја води најсилната репрезентација.

ГО ЗАВИКАЛЕ ТИТЕ БЛАГОДАРЕНИЕ НА СКОЛАРИ

Аденор Бакши е правото име на селекторот на Бразил. Тој во животот немал многу други варијанти освен фудбал.

Како млад правел детски будалии во родниот крај. Се случувало да ги удира и гаѓа овците со чорапи полни со песок, а и дома правел лом.

Посебно бељаџии биле со брат му Миро кој за свој гол го бирал фрижидерот, а Тите шивачката машина на мајка им кој стално ги предупредувала дека може да превртат некое тешко железо дома, а некогаш ги бркала и со лењирот за шиење. Ни тоа не ги спречило да играат фудбал по цели денови.

Мајка му секогаш го поддржувала малиот Тите и го спасувала од досадните обврски. Татко им Сеу Генор бил фудбалер во ’50-те и ’60-те години и барал десетгодишниот Аденор сам да си заработува за школските појадоци.

Сестрата на Тите, Беатрис, работела во салон за автомобили и го вработила братот како курир, доставувач. Брзо Тите се изморил од работата, а мајка му го бранела и почнала да прима повеќе нарачки за шиење со цел малиот да не мора да се изморува. Во замена за тоа Тите помагал и средувал по дома.

Учителите исто не биле задоволни од малиот Аденор. Во дневник пишувале забелешки дека премногу смета на часовите, не сака да работи, не одговара на прашања и негативно влијае на другите.

Можно е малиот да станел уште попроблематичен ако не бил, верувале или не, Луис Фелипе Сколари (да, идниот најтрофеен бразилски селектор) кој работел како наставник по физичко воспитување во институтот во кој се запишал Тите.

Луис Фелипе Сколари видел потенцијал за спорт кај малиот Аденор и го советувал да оди на проба во клубот Кашиас. Некако го засакал талентот на Аденор но и го помешал со Тити, другарчето со кое Аденор постојано играл фудбал. Така Сколари го викал Тите и прекарот му останал засекогаш.

Но во иднина нивниот однос не бил нималку сјаен. Иако тргнале добро, понатаму идилата се нарушила.

Во 2010-та година Тите бил тренер на славниот Коринтијанс и го обвинил Сколари кој го водеше Палмеирас дека намерно изгубил меч со цел да не му допушти на Коринтијанс да ја освои шампионската титула.

После тоа на еден натпревар Тите и Сколари жестоко се закарале а во целата расправија, првиот и помладиот на Сколари му покажал болен гест, со прсти му гестикулирал 1:7 за најтешкиот пораз на Бразил во историјата (освен ако не го сметаме Мараканазо и Уругвај).

„Со сите се трудам да разговарам. Со Сколари беше невозможно. Два пати пробав да го добијам по електронска пошта и не добив одговор, така што видов дека дијалог нема и се повлеков“, раскажал Тите.

СТАЖИРАЛ НА 52 ГОДИНИ ВО ЕВРОПА, КАЈ АНЧЕЛОТИ И ВО АРСЕНАЛ

Како фудбалер Аденор Бакши - Тите не освоил ништо иако имал мошне сериозна кариера и два пати бил вице-шампион на Бразил и вице-шампион на државата Сао Пауло со клубот Гуарани од Кампинас.

За жал со фудбалот морал да се збогува на 27 години поради неколку незгодни повреди во серија. Поради повреда на коленото изгубил на брзина и подвижност и тука бил крајот на играчката кариера.

Тите подоцна отворил сопствен спортски магазин во општината Бенту-Гонсалвис но наскоро добил повик да стане кондиционен тренер во тимот Гуарани од Гарибалди. На сред сезона клубот го отпуштил главниот тренер Селсо Фреитас и Аденор бил поставен за привремен тренер.

Од тој момент започнал сериозен подем на неговата тренерска кариера. После цели 26 години ја добил најпосакуваната кариера на секој жив Бразилец.

Повредата на коленото не само што му помогнала да открие нова страст за себе, туку и му го сменила карактерот. Од еден динамичен, незгоден млад човек се претворил во посветен, мудар и одговорен маж. Работел деноноќно и учел за да стане подобар стратег.

Тоа му била прва трансформација. А втората се случила во 2013-та кога го напуштил Коринтијанс и земал одмор.

Во тој момент веќе 23 години се занимавал со тренерска професија и бил врвен стручњак во Бразил. Со Коринтијанс освоил шампионска титула, Копа Либертадорес, Рекопа на Јужна Америка, државно првенство и Светско клупско првенство. Освојувал трофеи уште и со Гремио и Интернасионал.

Но во 2013-та година почнал пад. Како што тркалото на среќата се врти, така и она на Тите отишло во друга насока. По славјето во Копа Либертадорес, следел пад со Коринтијанс. Во еден момент паднале на 10. место со само 8 дадени гола на дури 19 меча! Тогаш решил дека на неговата тренерска филозофија и треба нешто ново.

Можел да го води кој било клуб во татковината но решил следната година да ја помине во учење и читање книги за филозофија, тактика и лидерство. Одлучил дека треба да земе искуство и од надвор, па отишол на пракса да стажира во Арсенал и Реал Мадрид.

Неколку дена ја изучувал инфраструктурата на Арсенал каде ги учел и тренинзите. Во тоа му помагал син му Матеус кој му преведувал од англиски. Аденор го импресионирале видеотехнологиите. Се чудел какви се модерни апарати за видео-анализи на натпреварите и тренинзите користат во Лондон.

Пробал нешто слично во Коринтијанс кога се вратил на тренерска столица во 2015-та.

„Сега можеме да користиме видео и аудио за да надополниме информација која ни ја дава теренот. Сега јас сум тренер кој е среќен кога ќе му каже на играчот: „Ова и ова го направи погрешно“ и преоѓаш право на нештото“, рекол Тите во 2015-та.

Посебно задоволство Тите уживал додека бил на пракса, на стажирање во Реал Мадрид каде се сретнал со неговиот идол - Карло Анчелоти. Бразилецот се вљубил во стилот на Италијанецот и во неговиот прагматизам и отсуство на его и суета.

„Многу тренери се ѕвезди. Но не и Анечоти. Тој сè прави едноставно“, вели Тите за неговиот идол Дон Карло.

Со Карлето заедно ручале, шетале низ Мадрид и ги следеле тренинзите на Реал кој Анчелоти го води. Неколку и заедно ги предводеле двајцата. Карло му открил многу лични тајни.

„Ми ги откри сите свои методи. Да бидам искрен, јас такво нешто не би направил за друг тренер, а тој го направи“, признал Тите во интервју за SporTV.

Аденор Бакши почнал и да применува некој стил на Анчелоти на тренинзите. Во Бразил сметаат дека ниеден занает не може да те спреми за она што ќе се случува за време на мечот. Принципот е следен: тренинг е тренинг, утакмица е утакмица, така што опуштете се и уживајте.

Но Тите по враќање од Европа пробал да го смени тој однос кон тренинг и натпревар. Барал целосна концентрација и суров професионализам што е тешко да се воспостави меѓу темпераментните Бразилци и општо Јужноамериканци.

„После тренинзите Анчелоти ми кажа: „Бројот не е се. Работата е во интензитетот. Тоа се совпаѓа со моето мислење. Да се забавувате може само за време на загревање. Толку“. 

Во Бразил Аденор се вратил свеж и гладен. Одново го презел богатиот Коринтијанс и ги воспоставил тука новите идеи: го сменил во целост тренажниот процес, сменил железна дисциплина, вовел нова тактика, делегирал дел од задолженијата на помошниците и ја модернизирал работата на аналитичарите. Преминал со четири фудбалери во среден ред кои имаат поофанзивни карактеристики и тимот му заиграл побрз и вертикален фудбал.

Ја освоил титулата со 12 бода разлика зад вториот.

„Беше неуморен! Видов тренер кој пази на ситни детали. Влезе во секоја област на клубот. Понекогаш ми ѕвонеше во сред ноќ зошто имал некоја идеја на оваа или она тема“, вели Алесандро Нуњез за The Athletic. Тој играл под водство на Тите во Коринтијанс па станал подоцна технички координатор во клубот кога не бил присутен Тите. Тите сакаше секој процес, секој систем да работи добро. Разговараше со секој вработен во клубот, дури и со незабележителни должности, така што правеше сите да знаат дека се еднакво важни како и сите други.

СЕ СПРЕМАЛ ДА РАБОТИ СО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА И ГО КОНТАКТИРАЛЕ ПОСЛЕ ДЕБАЛКОТ 1:7 ОД ГЕРМАНИЈА

За време на одморот по титулата во Копа Либертадорес со Коринтијанс, Аденор Бакши добил неколку примамливи и богати понуди, но ги одбил. Се спремал, сонувал за најголемата работа во животот. Предизвик за кој сонува секој жив Бразилец кој се занимава со фудбал.

Да ја предводи репрезентацијата.

По дебаклот на Бразил 1:7 од Германија на Светско првенство 2014 кога цела нација паднала во депресивна состојба, од федерацијата барале нов селектор зошто отказ добил тогашниот селектор Сколари.

Иако Тите очекувал да му се јават, Бразилската фудбалска федерација се одлучила за Дунга.

После две години, во 2016-та се сетиле на Тите и му понудиле да биде селектор. Јавноста била поделена. Не баш сите сакале тој да биде именуван за селектор зошто го сметале за многу додевен. Новинарите викале дека ги фаќа дремка на неговите прес-конференции.

Но Аденор избегнувал поединости и одговарал едноставно. Многумина сметале дека однапред ги спремал одговорите со цел да избегне гласни цитати и скандали. „Најсилна страна на Тите е што многу знае да ги скроти змиите. За време на неговиот говор цела сала заспива“, вели поранешниот стопер на Милан и Сао Пауло, Диего Лугано.

Од тој момент откако го поставиле селектор во јуни 2016-та популарноста на Тите само растела. На 25 натпревари пред Светското, Бразил растураше секого и секаде. Доживеаа само еден пораз и примија само шест гола на 25 средби! Рејтингот на Тите малку опаднал по поразот од Белгија на Светското првенство 2018 во четвртфинале, но нацијата продолжила да сонува дека Аденор може да ги одведе со светското злато.

Во 2017-та година еден истражувачки центар објавил студија според која дури 15% од Бразилците би го гласале Тите за претседател на земјата.

Тите стекнал голема почит и авторитет откако во време на големи скандали во Бразилската фудбалска федерација (во 2015-та Хозе Марија Марина го уапсиле за корупција, а кошмарни биле Мундијалот 2014 и испаѓањето на Дунга со Бразил на Копа Америка кога не поминале група првпат после илјада години).

Селекторот Аденор Бакши - Тите почнал со револуција и направи страшен состав кој маршира кон златото зимава во Катар.

Тите успеал да го врати авторитетот во селекцијата и вербата на народот во Селесао. Го сакаат и играчите кои на последниот дуел со Јужна Кореја во осминафиналето танцуваа со него после прославените голови.

„Дијалогот со екипата е фундаментален за секој лидер независно од конкретна личност. Ако немате душа и голема приврзаност со екипата нема да победите“, рекол Тите.

За оваа негова карактеристика зборувал и Марсело, легендарниот лев бек.

„Јас би убил за Тите. Со него како селектор искрено верувам дека сме способно да го кренеме бразилското знаме на највисокиот врв. Сериозно ви зборувам, Тите е феномален човек“.

9 декември 2022 - 13:46