
„Попрво би плачел со вас, отколку да се радувам со други“, изјави неодамна Икер Муниан, златното дете на Атлетик Билбао и шпански репрезентативец. Со овие зборови точно се доловува страста и всадената љубов на секое дете кое почнува да игра фудбал во Атлетик Билбао.
За разлика од останатиот дел од Европа, во лето најинтересно е да бидеш Баскиец. За време на летото нема прелистување на спортските весници, читање форуми и разни портали за нови трансфер шпекулации. Нив не им е тешко, затоа што знаат колку е кратка листата на играчи кои нивниот Атлетик може да ги донесе.
Баскијците живеат во покраините Баскија и Навара во Шпанија, како и во покраината Северна Баскија во Франција. Атлетик Билбао од своето основање пред 117 години има правило кое вели дека во клубот може да играат само фудбалери кои имаат баскиска крв. Тоа правило не е прекршено повеќе од 100 години. За да играте за Атлетик Билбао, потребно е еден од родителите да ви биде Баскиец или пак да сте родени или пораснати во регионот на Баскија.
Исто такво правило имал и Реал Сосиедад, но го прекршил во 1989. година кога го купиле првиот странец, Ирецот Џон Олдриџ. Тоа било причина повеќе Атлетик посилно да се држи до правилото.
Убедливиот триумф против Барселона 4:0 во шпанскиот Супер Куп им го донесе на Баскијците трофејот што го посакуваа повеќе од Каталонците. Хет-трик постигна Ариц Адуриц, наследникот на славните Ечеберија и Урзаиз, а тоа беше прв трофеј за Атлетик Билбао по 1984. година кога ја освоија двојната круна во Примера.
Прославата на улиците на Билбао траеше цела ноќ, а веќе од утрото се вратија во суровата реалност на фудбалскиот пазар на кој постојат луѓе кои трошат како луди. Сепак, баскиската гордост нема цена...