Во изминатите две децении, Порто стана главен извор на таленти од Јужна Америка кои подоцна за вртоглави суми ги продаваше и уште ги продава во најбогатите европски клубови. Халк, Хамез Родригез, Алекс Сандро, Радамел Фалкао се само дел од ѕвездите кои по блесокот во Примеира Лига, тргнаа во европските гиганти.
Но еден од нив, Колумбиецот Џексон Мартинез во Порто не дојде на рана возраст, туку како веќе докажан голгетер во родната земја.
Како страшен голгетер успеал да го внесе својот Индепендиенте Меделин првпат после четири години во елитната Копа Либертадорес и да заработи повик во репрезентацијата.
Но и натаму бил во сенка на ѕвездите Фреди Монтеро и Адриан Рамос, па морал уште да се докажува. Во еден момент Индепендиенте Меделин имал само 2 победи на 12 меча, па стручниот штаб морал да менува нешто.
На сцена тогаш со полна минутажа стапува Џексон Мартинез и резултатот е очигледен: 13 гола на 17 меча, Индепендиенте при врвот на Категорија Примера А и пласман во големото финале на тамошниот плејоф.
Формата на Мартинез одела само во нагорна линија и по групната фаза од по четири тима, тој успеал да го однесе својот тим до финале против Атлетико Хуила.
Првиот меч завршил со триумф 0-1 на Индепендиенте со гол на „Ча Ча Ча Мартинез“, а на реваншот во Меделин на 20 минути пред крајот расниот стрелец успеал да израмни и да му ја донесе на Индепендиенте титулата чекана 5 години.
НА 23 ЗАМИНУВА НИ ПОМАЛКУ НИ ПОВЕЌЕ ВО МЕКСИКО
Фантастичните партии во Колумбија го привлекуваат вниманието на скаутите од Европа, но „Ча Ча Ча“ се решава да потпише со клубот Јагуарес де Чиапас од Мексико.
Во дебитантската сезона постигнал 9 гола со 2 асистенции и така директно учествувал во 11 од 22 гола на екипата која за жал завршила на 14. место.
Но Мартинез играл сјајно и во Копа Либертадорес каде Лос Јагуарез стигнале до историско четвртфинале. Следната сезона во тандем со неговиот сонародник Луис Габриел Реј, заедно постигнуваат 36 од 63 гола на Јагуарес.
По три плодни сезони во Мексико, Мартинез бил спремен да тргне преу Атлантикот и да се проба во европската елита.
Порто дошол прв по Колумбиецот и тоа веднаш откако саканиот Радамел Фалкао заминал. А само два месеци претходно „Драгао“ го напуштил и клупската икона Халк, па на рамениците на Џексон Мартинез имало голем товар.
ПОРТО ЦЕЛИ 8 ГОДИНИ БЕЗ ТИТУЛА, НАВИВАЧИТЕ НЕМАЛЕ ТРПЕНИЕ
Европската и светска јавност е навикната во Португалија шампион да биде еден од гигантите Порто, Бенфика Спортинг, но на „Драгао“ во периодот кога Џексон дошол немало пехар од Примеира Лига цели осум сезони.
Во тој период Бенфика доминирала со неверојатните Оскар Кардозо, Едуардо Салвио и Лима. Токму последниве двајца директно учествувале во 29 гола комбинирано (17 гола и 12 асистенции) па Бенфика по првите 20 кола изгубила само 8 бода.
И „змејовите“ од „Драгао“ имале фантастична сезона кога Мартинез и компанија победиле на 16 меча а Џексон постигнал гол или асистирал 24 пати до месец март.
Веќе во мај борбата за титула со мала бодовна разлика меѓу гигнатите била мала, а тензијата поголема. Предводена од Хорхе Жезуз, Бенфика блескаше во Лига Европа но како да поднамали гас во домашното првенство каде киксна со Спортинг и Маритимо, па на Порто му требаше само бод во нивниот меѓусебен дуел во претпоследното коло за да стане шампион и теоретски.
Лима ги смрзна домашните навивачи со 18 гол сезоната, но Силвестре Варела шест минути подоцна израмни. Порто во 92 минута преку 19-годишниот Келвин поведе на 2-1 и победата ги однесе до толку долго очекуваната титула.
КЛАСЕН И РАСЕН ШПИЦ НА СЕКОЈ ФРОНТ
Во сезоната 2014/2015 Џексон го водеше Порто до историска победа против Баерн Минхен на Пеп Гвардиола од 3-1. Таа сезона Колумбиецот веќе постигна 7 гола на 8 меча во Лига на шампиони. За жал, Германците во реваншот после само 6 дена, на „Алијанц Арена“ до врв ја наполнија мрежата на Порто и со 6 гола се пласираа во следната рунда.
Во следната 2015/2016 симпатичниот Колумбиец дури 21 пат ги матираше противничките голмани во португалската Примеира, но Бенфика предводена од тандемот Бразилци Жонас - Лима (39 гола комбинирано) ја освои шампионсата титула.
ПРЕСЕЛБА ВО ГОЛЕМИОТ АТЛЕТИКО МАДРИД
Навивачите на Атлети се надеваа дека онаму каде што застана нивниот миленик Радамел Фалкао ќе продолжи неговиот сонародник Џексон Мартинез, но бајката немаше среќен крај.
Повредите и слабата минутажа го спречија да покаже зошто во Португалија го славеа како идол. Стана јасно дека веќе го достигнал неговиот врв и дека не може да се избори со повредите и со тоа што е во сенка на неверојатниот во тоа време Антоан Гризман.
До толку беше во заден план во Атлетико што реши да замине во Кина каде потпиша енормно богат договор со Гвангжу Евергранде (во тоа време Кинезите плаќаа страшни суми кои подоцна ги ограничија).
Џексон Мартинез, некогашниот ѕвер од Порто (90 меча, 67 гола), 3 сезони трчаше по кинеските стадиони каде имаше очаен учинок: 10 меча - 4 гола. Следуваше позајмица во Портимоненсе каде на 27 натпревари постигна 9 погодоци, па португалскиот клуб реши да го откупи неговиот договор.
Минатата сеозна на 20 одиграни натпревари дал само 1 гол.
Не го продолжил договорот и решил да се врати во својата татковина, во Колумбија, каде периодов ужива во заработката од Кина и верувале или не, станал хип-хоп артист со христијанска тематика.