Баталете ги другите лиги, само во Серија А е неизвесно

На три и кусур месеци до крајот на сезоната во националните првенства, веќе ги имаме имињата на четирите шампиони од можни пет првенства кои ги следиме деноноќно. Да бидеме реални, никој не ги стига Баерн, Сити, Барса и ПСЖ. Мелат.

БАЕРН МИНХЕН (+16)

На 14 кола до крајот, Минхен веќе може да ја слави титулата број 28 или шеста по ред. Баер Леверкузен и Шалке и тие четири екипи подолу едноставно немаат квалитет да и пркосат на моќта на Баварците и им преостанува да си копаат очи кои од нив ќе се пласира во ЛШ.

МАНЧЕСТЕР СИТИ (+15)

Со оглед на тоа што ова е лига каде секој секого може да победи (читај: Свонси - Ливерпул 1:0 и Свонси - Арсенал 3:1 минатиот месец), се очекуваше далеку поголема неизвесност во борбата за титулата. На актуелниот шампион не му оди како лани, а Манчестер Јунајтед кој доби стабилност со Мурињо и покрај силниот тим изгледа му треба уште време да се уигра за да се бори за титула. И тука преостанува жешката битка за ЛШ, каде во моментов се аут Тотенхем и Арсенал.

БАРСЕЛОНА (+11)

Нешто помала предност пред другите ривали за титулата има Барса, но Атлетико не е кадарен сезонава да се носи со каталонската машинерија која е единствена без пораз во топ 5 лигите. Реал смрзна на -19.

ПСЖ (+11)

Слична е ситуацијата и во Франција каде ПСЖ ќе ја врати титулата која ја освојуваше четири сезони по ред со Златан. Мртва трка ќе има за ЛШ.

Неизвесност во борбата за тронот ќе има само во Серија А каде ќе се борат истите две екипи од лани. Јувентус е неприкосновен со шест титули во низа и единствен тим кој го порази лидерот Наполи, каде пак навивачите сонуваат за Скудето уште од времето на Марадона. Ќе биде пеколно неизвесно до крајот.

НАПОЛИ (+1)

2 февруари 2018 - 16:07