Барселона без трофеи имаше најбериќетна сезона во историјата

Тата Мартино не успеа да му донесе ниту едно славје на Каталонскиот тим кој ја имаше една од најлошите сезони во поновата историја, но тоа воопшто не ги поремети сметките во вториот највреден спортски клуб во светот.

Финансиските извештаи за сезоната 2013/2014 покажуваат приходи од 530 милиони евра, а тоа е прв пат Барселона да оствари поголеми приходи од половина милијарда евра. Чистата заработувачка изнесува 41 милион, што е за 9 милиони повеќе од претходната сезона.

Титулата во Примера отиде во рацете на Атлетико Мадрид, а Копа Дел Реј и Лигата на шампионите ги освои „Кралскиот тим“, но загубените битки на терен, не значеше финансиска загуба за Каталонскиот гигант.

„Ние сме уште посилни и ја чувствуваме уште повеќе нашата популарност на глобално ниво од претходните години. Имаме напредок на финансиски план, а ова лето потпишавме и многу важни договори“, изјави потпретседателот на Барселоа Хавиер Фаус.

Во последните четири години Барселона има остварено профит од 113 милиони евра, а долгот од 431 милиони кој го имаше во 2010 година, сега изнесува 287 милиони евра. Според Форбс клубот се наоѓа на втората позиција на листата највредни спортски клубови на планетата.

Барселона новата сезона ќе ја стартува со Луис Енрике, а со купувањето на Луис Суарез од Ливерпул за околу 90 милиони евра го направи еден од најскапите трансфери во историјата на фудбалот.

На Камп Ноу пристигнаа и Ракитиќ од Севиља, Метју Жереми од Валенсија и двајцата голмани Клаудио Браво и Марк Андре тер Штеген.

31 јули 2014 - 20:20