Стеван Јоветиќ

Балканскиот Јојо се препороди во Севиља

На 17 години Стеван стана капитен на Партизан а на 20 им даваше голови на Ливерпул и Баерн во Лигата на шампионите. Во Англија го мачеа повреди, кам-бекот во Италија му го обележаа повреди, а сега на два меча во Севиља покажа повеќе од трите претходни сезони.

„Кога мојот агент ми кажа дека ќе одиме на преговори во Севиља, си реков ајде да го изавам календарот на шпанската лига. Видов дека во две недели играат три меча против Реал Мадрид и сакав што поскоро да потпишам за да не пропуштам ниту еден меч“ изјави Црногорецот пред да дојде на „Санчез Писхуан“.

Тогаш малку кој обрнал внимание на неговата изјава. Едноставно напаѓачот Стеван Јоветиќ покажа желба да игра против еден од најсилните тимови на светот. И тоа беше сè. До тој момент.

Црногорецот набрзо го докажа спротивното поради што навивачите на Реал жалат што неговото деби во Шпанија падна баш на мечот со европскиот првак. Напаѓачот два пати му го загорчи животот на лидерот на Примера (еднаш во првенството и еднаш во Купот) и тоа во рок од само три дена.

а мечот од 18. коло од Примера, Реал Мадрид во Севиља пристигна со страшна непобедлива серија од 40 меча. Рекордот го остварија токму во Купот на Шпанија неколку дена претходно на истото место кога со голот на Серхио Рамос (непримерната прослава против своите) и Карим Бензема во последните секунди од мечот се спасија од пораз.

На тој меч од Кралскиот Куп Стеван Јоветиќ дебитираше во 45. минута и му требаа само 9 минути да го матира Кејлор Навас со еврогол. Навивачите тогаш сфатија каков играч добиле. После само три дена, во првенството, Јоветиќ влезе во 68. минута и во 92-ра постигна гол за победа против Реал од 2-1 и експлозија од радост на 50.000 навивачи на Севиља.

Фудбалерот роден во Подгорица на 2. ноември 1989 година на почетокот на својата блескава кариера имаше иста коса како Брајан Меј од групата Квин и по тоа странските медиуми (читај навивачите на Фиорентина) го препознаваа.

Уште во детството во Подгорица се двоел од другите деца по раскошниот талент, а како што обично бидува со талентите од Црна Гора, следна дестинација им се белградските вечни ривали.

„Црно-белите“ од Хумска улица во Белград отишле со кола да го донесат 14-годишниот вундеркинд на стадионот „ЈНА“. После неполни две години „Јојо“ на 8. април 2006 година на 16 години дебитираше за сениорскиот состав на Партизан на мечот против локалниот ривал Вождовац. Најголеми заслуги за тоа носи тогашниот тренер, Јирген Ребер од Германија.

Дека Партизан во своите редови има чудо од дете, Јоветиќ покажа во квалификациите за Купот на УЕФА против Зрињски кога на 17 години постигна хет-трик.

Набрзо стана најмладиот капитен во историјата на клубот и беше предводник на генерацијата која што се закити со двојната круна. После сево ова, трансферот беше неминовен затоа што Јоветиќ го бараа големите европски клубови. На 10. мај 2008 година Фиорентина за него издвои 8 милиони евра.

Со неговиот решавачки гол против Спортинг во квалификациите за ЛШ во 2009/2010 Фиорентина влезе во елитното натпреварување.

Од тој момент доживеа две сериозни повреди и операции на коленото поради што во целост не покажа што се може. Но тоа не му сметаше на Манчестер Сити кој во 2013 го купи за неверојатни 22 милиони фунти.

Во Англија Стеван имаше малерозен континуитет на повреди кои влијаеа на неговата свежина и динамика. После две години мачење во Манчестер, Јоветиќ доби рака за помош од нему познатата Италија. Интер во него гледаше лидер на нападот способен да го одведе тимот до Скудетото.

Постигна 7 гола на 28 меча а во новата сезона им беше резерва на Икарди и Едер. Не ги задоволи ниту Де Бур, ниту новиот тренер Стефано Пиоли. „Јојо“ отворено изрази желба да се врати во Фиорентина но „Нераѕурите“ беа против таква опција поради неспремноста да го засилат директниот ривал во борбата за евро-куповите. Наместо тоа Јоветиќ чекирал карта за Андалузија.

„Дојдов овде затоа што Севиља е голем клуб кој игра во Лигата на шампионите. Тука има семејна атмосфера и одличен тренер па прифатив. Ќе направиме се да стигнеме што е можно подалеку во Лигата на шампиони и да завршиме меѓу првите три во Ла Лига. За мене нема ограниучувања. Сакам да давам голови и асистенции и што повеќе тоа подобро“, изјави Јоветиќ на промоцијата кога напомена и дека шпански научил од ’Лос Серанос’ и другите шпанските теленовили по што присутните се скинаа од смеење.

Неговиот прекар „Јојо“ го добил во Италија. Во ХVI-от век така го викале орудието (камен којшто се фрла од кожен ремен за лов). Токму таков се покажа Стеван на првите мечеви за новата екипа. 

Денес може да се каже дека спортскиот директор на Севиља, Рамон Мончи одново погоди во целта. Со помош на Јоветиќ Андалузијците не само што го засилија нападот туку и добија максимална конкуренција за место во првиот тим. Покрај Стеван во екипата има уште еден позајмен напаѓач - Луис Вието кој заби 10 гола на 25 меча досега.

Победникот од оваа конкуренција сигурно ќе добие постојан договор од севиљскиот клуб. Тренеот Хорхе Сампаоли ја докажа способноста да враќа во живот заборавени фудбалери. Пред Јоветиќ тоа го направи со Самир Насри кој ја искористи последната шанса.

Дали и за „Јојо“ ова е последна шанса на големата фудбалска сцена?