Познати се сите четвртфиналисти во Лигата на шампиони. На извлекувањето во петок ќе се најдат Реал Мадрид, Борусија Дортмунд, Јувентус, Барселона, Баерн Минхен, ПСЖ, Галатасарај и Малага.
Баерн Минхен - Арсенал 0:2 (0:1)
Жиру 3, Кошчелни 86
Натпреварот започна како што само можеше да сонува Арсен Венгер. Екипата на Арсенал поведе уште по 3 минути игра откако Росицки го проигра Волкот во шеснаесетникот, а тој веднаш му асистираше на Оливие Жиру кој го искористи невниманието на одбраната и ја смести топката во мрежата на Берн Минхен.
Во продолжението на првото полувреме фудбалерите на Баерн ја презедоа иницијативата, но Арсенал успешно ги спречуваше нивните акции.
Баерн Минхен продолжи да се заканува и во второто полувреме, а фудбалерите на Арсенал својата шанса ја чекаа преку контра напади.
Во 86-та минута Арсенал го шокираше Минхен со голот на Кошчелни кој зголеми на 0:2 по еден корнер удар, но сепак гостите од Англија немаа сили за подвиг и Баерн Минхен и со овој пораз се пласираше во следната фаза.
Малага - Порто 2:0 (1:0)
Иско 43, Санта Круз 77
Фудбалерите на Малага и Порто не прикажаа многу интересна игра во првото полувреме, а возбудувањата започнаа дури по половина час игра.
Првата шанса ја имаа домаќините во 36-та минута кога Антуњеш испрати силен шут од 25 метри, но Хелтон одбрани.
Во 40-та минута судијата го поништи голот на Савиола, но по 3 минути Малага дојде до водство. Еден од најталентираните млади фудбалери во Европа, 20-годишниот Иско најде простор на работ од шеснаесетникот и со одличен удар ја анулираше предноста на Порто.
Уште на самиот старт на второто полувреме Малага доби голема предност откако Дефур заработи втор жолт картон и Порто остана со играч помалку.
Точка на натпреварот стави нововлезениот Роке Санта Круз кој по корнерот изведен од Иско, беше највисок во скокот и со неговиот прв контакт со топката зголеми на 2:0.