Прво едниот, па другиот. На пресот после мечот двајцата селектори изнесоа слично видување на мечот.
Задоволен од резултатот против репрезентацијата на Македонија, предводникот на Шпанија, Џулиен Лопетеги го подвлече одличниот настап на Иско.
„Иско дебитираше, смени неколку позиции вечерва, добро го разигруваше тимот и во принцип, целосно сум задоволен од него“, го почна пресот после мечот, селекторот на Шпанија Џулиен Лопетеги.
„Играта од првиот и вториот дел не беше иста. Одигравме одлично прво полувреме кога можевме да постигнеме уште некој гол и да го затвориме мечот, но не успеавме. Но во второто полувреме Македонија одигра подобро, постигна гол а имаше шанси за уште еден погодок. На крајот најважно е што победивме и мораме да бидеме задоволни со конечниот исход.“
На прашањето што мисли за дербито против Италија, шпанскиот селектор изјави дека е рано да мисли за тој меч на „Сантијаго Бернабеу“:
„Најважно беше тука да ги освоиме трите бода кои му даваат дополнително значење на следниот натпревар. Не очекува одмор а потоа ќе мислиме за следниот меч против Италија“, констатираше Лопетеги.
Веднаш по поранешниот тренер на Порто, на прес-конференција се појави и македонскиот селектор.
„Најпрво да и честитам на репрезентацијата на Шпанија за победата. Премногу импресионирани влеговме во мечот со многу респект. Во второто полувреме одигравме далеку подобро и можам да им честитам на своите фудбалери што го донесоа резултатот пред егал“, вели ’Мрме’ Ангеловски.
За натпреварите до крајот од квалификациите, Ангеловски вели:
„Тоа се селекции со кои ќе можеме да се носиме, селекции со приближен квалитет како нас, така што ќе можеме да се носиме со нив (Израел и Албанија) до крајот од квалификациите“, додаде селекторот на Македонија.
За дебитантите Тошевски од Пелистер и Елмаз од Работнички:
„Македонија доби голем бисер во него. На тие години да одигра така против толку голем противник и да внесе свежина во играта е неверојатно. Мислам дека Елиф Елмаз и Кристијан Тошевски кој доби прилика да дебитира вечервва се голема перспектива на репрезентацијата“, додаде Ангеловски.