И покрај незгодната повреда на прстот на ногата, во авионот за Берлин ќе се качи и тој. Андрес Иниеста тренирал во последните три дена за да се опорави од повредата и е решен да истрча на Олимпискиот стадион.
За него ова ќе биде четврто финале во Лигата на шампионите и ниту еден од фудбалерите кои ќе бидат на теренот не може да се пофали со такво достигнување. Не само што беше присутен на сите големи натпревари, Иниеста беше и човекот што реши неколку историски дуели.
Не случајно е еден од најдобрите играчи од средниот ред во Европа во последната деценија, туку е и фудбалер чии голови ќе останат во историјата.
На еден гол му го дадоа неговото име „Иниестацо“, погодокот што го даде против Челси во 93' минута од реваншот во полуфиналето на ЛШ во 2009. година. На асистенција на Меси тогаш Иниеста постигна ретко виден гол и Барса се пласираше во финалето во Рим каде со 2:0 го совлада Манчестер Јунајтед. Тогаш започна славната ера на Барса со Гвардиола.
Следниот гол беше најважен од сите, најважен што еден фудбалер може да го даде во својот живот. Во финалето на Светско првенство во Јоханесбург, Иниеста ѝ даде гол на Холандија во продолженијата и Шпанија за прв пат стана Светски шампион.
Голот во финалето на Мундијалот има посебна тежина, затоа што само тројца играчи во историјата дале одлучувачки гол на едно светско финале. Андреас Бреме (одлучувачки пенал во финалето 1990), Марио Геце (финалето на СП во Рио 2014) и Андрес Иниеста (2010).
Иниеста против Јувентус ќе се обиде да влезе на уште една бесмртна листа: Во кругот на оние кои дале гол и во финале на ЛШ и во финале на СП. Досега успеале само четворица: Унгарците Ференц Пушкаш 1960 и 1962 и Золтан Чибор во 1954 и 1961, Германецот Герд Милер кој го одлучи финалето на СП 1974 и две финалиња на КЕШ со Баерн (1974 И 1975), како и Зинедин Зидан кој даваше голови во две финалиња на Мундијалите (1998 и 2006) и во ЛШ со Реал Мадрид во 2002.
На оваа листа, само Зизу беше играч од средниот ред, што му дава можност на Иниеста да влезе во историјата.
Сезонава Иниеста не постигна ниту еден гол во Ла Лига ниту во Лигата на шампионите. Даде само 3 гола во Копа дел Реј, но тоа е резултат на неговата нова улога во екипата. Сезонава Иниеста игра на левата страна од средниот ред, зад Нејмар кој игра по неговата страна.
Можеби затоа што не постигнал ниту еден гол во сезоната, според многу Каталонци, Иниеста ќе се насмее во финалето во Берлин.
Легендарниот гол против Челси:
Историскиот против Холандија на Светско: