Андреј Лунин - супер херојот на Реал Мадрид

Украинскиот репрезентативен голман е играч на мечот Манчестер Сити - Реал Мадрид кој заврши со славје на „кралевите“ по триумфот на пенали. Лунин имаше осум одбрани во регуларно време и два одбранети пенали.

Голманот на Реал Мадрид кој неколку сезони беше трет голман во екипата, конечно доби шанса поради повредата на Тибо Куртоа и во целост ја оправда довербата.

Лунин цела сезона брани сјајно а ова не е првпат да го спасува Реал Мадрид во Лига на шампиони. Претходно со РБ Лајпциг во 1/8 финалето исто имаше бравурозни одбрани и го однесе Реал понатаму.

На реваншот со Сити синоќа имаше дури 8 чисти одбрани по канонадата на домашниот тим, а прими само еден гол и тоа не по негова вина туку по голема грешка на Антонио Ридигер кој буквално му асистираше на Кевин де Брујне.

А својата историска партија Андреј Лунин кој на Европското летово ќе биде прв голман на Украина, ја круниса со блесок на пенали: одбрани два шута по ред, вториот и третиот и му донесе на Реал огромна психолошка предност.

Додуше вториот шут, оној на Бернардо Силва испадна дури и комичен зошто млако шутираше во средина и Лунин дури жива му ја фати. Веднаш после тоа му одбрани пенал и на Матео Ковачиќ и со таа одбрана им донесе на соиграчите шанса да дадат гол и победат.

За шутот на Бернардо Силва, Лунин после мечот за шпански Movistar рекол:

„Имав три варијанти на каде да одам. Да останам на средина, тоа е секогаш голем ризик, но тука испадна добро. Нашиот тим со сите сили се бореше, моравме да преживееме многу. Не игравме со топка цело време, но и невозможно е на такво ниво. Така што херој не сум јас, туку целата екипа“, скромно рекол младиот Украинец и додал:

„Најтешко искуство кое можеш да го имаш во Лига на шампиони е гостување кај Манчестер Сити. Едноставно знаеш дека ќе патиш. Постојат натпревари во кои не можеш да имаш посед на топка и да докажеш дека си подобар тим, ова се натпревари кога апсолутно знаеш дека ќе се мачиш. Морам да кажам дека не би можел да трчам колку што моите соиграчи трчаа не пет минути, туку 120“.

Карло Анчелоти во едно флеш интервју веднаш после Лунин, посебно го испофалил Украинецот и за неговата игра рекол дека е фантастична.

ЛУНИН Е ПЕНАЛЏИЈА, ПОБЕДИЛ ВО ТРИ СЕРИИ И СЕКОГАШ БРАНЕЛ ПО ДВА ПЕНАЛИ

Андреј Лунин дефинитивно е топ специјалист за пенали. Брани и за време на игра но и во пенал серија. Уште од младоста му шутирале 22 пенали, а тој одбранил 8, притоа ривалите не промашиле гол ниту еднаш, туку Андреј ги одбранил сите. 36% успешност на одбранети пенали е класа резултат.

Пенал серија имал во Купот на Украина 2016/2017 кога како голман на Днипро одбранил два пенали, па после во Куп на Шпанија 2019/2020 кога фатил два пенали против Марбеља и го спасил Реал од срамен пораз, и сега два одбранети против Сити за пласман во големо полуфинале каде ги чека Баерн Минхен.

КАДЕ БРАНЕЛ ВО МЛАДОСТА?

25-годишниот Лунин е дете од Харковска област, од градот Красноград. На 17 години веќе бил првотимец во познатиот клуб Днипро а потоа и во прволигашот Зарја. Скаутите го сметале за еден од најдобрите голмани на неговата генерација. Во 2018-та сензационално преминал во Реал Мадрид.

На Светско првенство за млади фудбалери У-20 во 2019-та добил „Златна раквациа“ како најдобар голман, Украина тогаш стана светски шампион во таа генерација а Лунин бил еден од најголемите творци на тој успех. Тогаш прв стрелец на тој Мундијал беше непознатиот Ерлинг Халанд кој постигна 9 гола против Хондурас на еден меч и тогаш светот слушна за него.

Во Реал Мадрид Лунин долго време не добиваше шанса. Го праќаа три пати на позајмица: во Леганес, во Ваљадолид и Овиедо. Прв голман бил само една полусезона во Сегунда. Во следните три сезони исто не бранел многу стандардно.

Во Реал го завикале „Мафиози“, а прекарот му го смислил Серхио Рамос. „Дека поради украинска или руска мафија, па оттаму прекарот. Уште и јас купив тогаш црн костум, полукласика. Влегов во соблекувалната а таму седнати Рамос и Модриќ. Серхио ми кажа: „Мафиозо“. И од тогаш така ме викаат“, рекол Лунин.

БИЛ ЛУТ КОГА ГО ПОТПИШАЛЕ КЕПА, НО НАБРЗО СТИГНАА НЕГОВИТЕ ПЕТ МИНУТИ

Андреј Лунин сезонава конечно стана прв голман на Реал Мадрид и тоа само поради отсуството на оперираниот Тибо Куртоа. Лунин ја победи и конкуренцијата во новодојдениот Кепа Аризабалага.

Карло Анчелоти изјавил дека Реал има два еднакво добри голмани во нив.

„После повредата на Куртоа генералниот и спортскиот директор ми пишаа дека имаат целосна доверба во мене и да бидам мирен. Сфатив дека некого ќе потпишуваат. Го потпишаа најскапиот голман на светот во тој момент, но парите не играат во фудбалот. Кога дојде Кепа и му доверија место во стартна постава, бев разочаран и лут, не се согласував.

Но што можев да направам? Да работам и да чекам шанса за да ја искористам. А одлучуваат други луѓе. Не сакам да создавам конфликти ситуации во екипата, тоа не е за мене. Кај такви тренери како Анчелоти, имаат своја точка на гледање, но мислам дека ја сменив својата игра“, рекол тогаш Лунин.

Од крајот на јануари Лунин не е заменет. Веќе 26 меча е прв голман а примил само 22 гола и има дури 12 меча без примен гол.

18 април 2024 - 09:37