Сте чуле ли за друг тим на планетава кој во 117 години постоење успеал да освои 151 трофеј? Ако се извади просек тоа се 1,3 трофеи по сезона. Абнормално. Од нив 43 им се шампионски титули во домашното првенство и 39 Купови. Континентални трофеи имаат 25.
И тука не се работи само за трофеи, има многу повеќе зад самото име на Ал Ахли што во превод на арапски значи „национален“, „на народот“. Во последните 5 изданија во африканската ЛШ, 4 од трофеите се нивни.
„Тука се ненаситни. Освојуваш Лига на шампиони и ти ја бараат и следната. Тоа не е баш добро, треба да научиш и како да уживаш во одредени моменти и да славиш“, вели Марсел Колер, поранешен селектор на Австрија, која ја освои последната ЛШ пред две недели.
Се формира 1907 и е за богати луѓе за време на англиската окупација
Кога се родил Ал Ахли, Египет бил под британска окупација и спортот бил за децата на богатите или за Англичаните. Омар Лофти, правник и претседател на студентски клуб во Каиро, сакал да создаде место каде локалните млади луѓе може да спортуваат и да се социјализираат, имајќи предвид дека оние што што го правеле тоа биле од англиската, грчката и италијанската заедница и многу често по статутот, мештаните не ги ни земале.
Така Лофти со помош на уште неколкумина, формирал клуб, а на чело поставил британски дипломат за да си ја олеснат финансиската поддршка. Побарале од владата два хектари земја каде еден од партнерите, архитектот Исмаил Сери ја дизајнирал зградата со седиште.
Фокусна точка било студенството потекло, односно културното општествено ткиво, кое не случајно ќе стане една од движешките сили на револуцијата и египетската ДНК.
Ривалите од Замалек, сепак здружени против Мубарак
Ал Ахли како непријатели ги добиле Замалек, формирани со спротивна цел, а тоа е да им дозволат на Египќаните да учествуваат во традиционалните англиски спортови.
Популарни и горди против буржоазите и интелектуалците, Ал Ахли и Замалек се претворило во една од најжешките дербија во светот кои предизвикале жртви, повредени, сценарија на урбани војни, суспендирани првенства, инвазии на терен со молотови коктели, натпревари на наутрални терени и повикани судии од други федерации.
Во Каиро ако не ве познаваат, пред да ве прашаат за верските убедувата, ве прашуваат за кого навиваш. Се вели дека двете најголеми политички партии во земјата се ултрас групите на двете екипи познати како „Alhawy“ и „White Knights“.
Во 2011-та двете групи се здружиле во бунтовите против режимот на Мубарак. Биле во првата линија на фронот на одбраната на плоштадот Тахрир за време на битката кај камилите. Демонстрантите се одржале благодарение и на искуството на ултрасите и тоа било одлучувачки успех за оставката на диктаторот.
Асад, еден од лидерите на навивачката група
„Навивачот на Ал Ахли живее во мал стан со сопругата, мајка му и петте деца во иста спална соба. Му паѓа кичма од работа за минимална плата и живее навивачки живот. Единствената добра работа во неговото постоење се тие два часа кога во петок оди на стадион. Затоа во овој клуб мора да се победи, за да ги направат луѓето среќни. Тоа е веројатно единствениот тим во светот каде што освен трофеите, навивачот очекува да победи на секој натпревар“, објаснува Асад.
Мохамед Абутрика, легенда кој работел во фабрика за тули и кој бил желба на Мурињо
Технички, исто како Замалек, Ал Ахли е државно претпријатие кое треба да дејствува под покровителство на Министерството за спорт. Но, всушност неодамнешните реформи во земјата им овозможиле на клубовите со толку голема и специфична тежина да создадат заедници за управување во кои се дозволуваат буџети, инвестиции, односно бизнис како во приватна компанија.
Ал Ахли има три. Една во спортска област, една за туризам и една за стадионот. Тоа го прави заедно со Популос, американска архитектонска фирма која ги реновираше стадионот Вембли, а работеше и на проект на Интер.
Ал Ахли е речиси религија за оние што играат таму. Поминале и победувале дел од најјаките африкански фудбалери. Кој го гледал Мохамед Абутрика во неговиот подем на почетокот на 2000-та, ќе ви каже дека нема што да му подзавидува на Зидан.
Се работи за играч од среден ред искован во фрабрика за тули како дете, со страшни движења. Се смета за најдобриот Африканец што не заиграл во Европа. Мурињо сакал да го доведе во Челси, но не се остварило. Во Каиро бил крал.
Или Хасан Ел хадари, еден од најдобрите голмани на африканскиот континент на сите времиња кој бил во репрезентација до 45 години. Или непопустливиот Махмуд Ел хатиб, со афро фризура и предаторски инстинкт за голови. Можел да направи трансфер во Порто во 80-те, но решил да остане во Каиро каде денес е претседател на клубот.
Со него Ал Ахли влегува посмело и со поголеми инвестиции во однос на засилувањата. Оваа година го потпишаа Ентони Модесте, француски напаѓач кој постигна 20 гола во Бундеслигата. Од Митјиланд го вратија Ашур за 2,7 милиони, а од Брајтон го купија Перси Тау.
Во арапскиот свет, од Емиратите до Судан има најмалку 16 тимови со исто име, сите со силна националистичка конотација. Тоа е ветерот од 1907-ма кој сè уште дува во Каиро и кој носи победнички менталитет.
Инаку првенството во Египет уште не е завршено. Има уште еден месец за играње. Ал Ахли е на -20 од врвот, но има 7 натпревари помалку поради континентални обврски.
Марсел Колер е две години тренер и има освоено сè, но свесен е дека ако не ја освои титулата и оваа сезона, ќе има такви кои ќе бараат да замине. Ал Ахли функционира така. Мора да победуваш.