Руни имаше 24 години, кога од еден крупен кадар во преносот стана јасно: Вејн проќелавува и тоа многу брзо. Опаѓањето на косата станало толку брзо што соиграчите го прозвале Боби Чарлтон. Тоа посебно го нервирало Руни кој не можел да се помири и во летото 2011-та решил да оди на пресадување нова коса.
Да им каже на соиграчите и блиските било тешко колку и да се согласи на операција. Руни тие „Танталови маки“ ги раскажал во својата автобиографија: „Многу луѓе не берат гајле што им остануваат сè помалку влакна на главата, но јас признавам дека кога ќе се видев сабајлечки во огледало си помислував: ’Господе Боже, ти ќелавееш на млади години’.
Кој сака да ја изгуби цела коса, особено кога има 20 години? Тоа малку ме вознемири и се замислив: зошто да не си пресадам коса?
Ја изучив целата материја и одбрав термин кога да го сторам тоа. Но прво требаше да им кажам на другите играчи на Јунајтед. Тоа беше на крајот од сезоната 2010/2011. Сфатив дека ако отидам на одмор проќелавен а се вратам со коса како Енди Керол ќе ме искинат. Особено ако нешто тргне како што не треба, тоа се фудбалери. За нив ништо не е свето. Се може да исмеваат. Нов пар копачки? Неубава фотографија во весник? Нова реклама на телевизија? Од сè прават потсмев. А трансплантација на коса? Толку ти е“, се сеќава Руни.
Како се спремил Руни за операцијата?
Вејн ја доверил својата ретка коса и во иднина густа на лондонската The Harley Street Hair Clinic. Насмевката на Руни ќе во поздрави на сајтот на оваа клиника.
Косата на Руни му ја враќале со методот FUE (follicular unit extraction), при што од зоната-донор (во случајот на Вејн бил вратот) со специјален инструмент биле ’украдени’ неколку илјади фоликули, народски кажано познати како корени. Потоа нив ги имплантирале во ќелавиот дел на главата. Операцијата трае околу 8 часа. Сè било како што треба, а Руни со задоволство изброил 15.000 фунти.
Каква била реакцијата?
Кога Вејн го начекале новинарите на излезот од клиниката, веќе немало смисла да крие. Скоро признал и на Твитер: „Да, направив пресадување на коса. Оќелавев на 25 години, така што зошто да не? Задоволен сум од резултатот. Ме боли уште малку, но кога се ќе заврши, вие ќе бидете први што ќе видите. Сега советувајте некој добар шампон, ха-ха“, напиша Руни.
До тогаш ниеден фудбалер од големината на Руни не дал таква изјава. Сами претпоставувате дека во Англија тоа станало главна тема на денот, на неделите, на векот.
Темата не фрштела само во таблоидите туку и во авторитетни медиуми. Реакцијата на новинарот на The Guardian Сем Дилејни била крик од душата: „Како можеше Руни да не предаде нас проќелавените луѓе? До викендов имавме само една трошка надеж, човекот кој одби да се потчини на стандардите за густината на косата која што ја диктира ова апсурдно општество. А сега Руни ни ги скрши срцата“, искрено признал реномираниот новинар.
Се огласил и славниот колумнист на The Times Џереми Кларксон. Водителот на Top Gear никогаш не го сакал Вејн и сега му се наместил на пенал.
„Не сакам да бидам неоправдано груб во однос на Вејн Руни, ама тоа одбивно мало детиште кое игра досадно добро за Манчестер Јунајтед и досадно лошо за Англија пресадило кос. Јас се извинувам, ама зошто по ѓаволите морал да го направи тоа?
Ме поразува тој бизнис со пресадување коса. Дали Силвио Берлускони мислел дека ако пресади коса и се избричи во локалниот салон за убавина, ќе излезе на светската сцена и ќе изгледа како Џорџ Клуни? Нема. Изгледа како да ставил зејтин и крема за сончање наместо пресадена коса. И мене ми паѓа косата исто. Не сакам да пресадувам нова. Знам дека за пар илјади фуни може да се исправи. Но која е смислата?
Некои одат по патот на Руни и пресадуваат коса, но според мене, иако имам прилично ограничено искуство, тоа не помага. Башка на крајот влакната на косата ќе растат како ридовите во Шкотска. Редови.
Најпознатиот хирург и специјалист за пресадување коса во Британија, Асим Шахмалак кој пред десетина години му пресадувал коса и на Дитмар Хаман, се воодушевил од примерот на Руни:
„Благодарение на Вејн многу мажи веќе нема да молчат додека им опаѓа косата и ќе соберат храброст да го направат тоа со реткоста на косата“.
Според Асим, од опаѓање на косата до 30 години пати секој четврти маж, а до 60 години веќе на секој трет маж му паѓа косата. Стручњакот Асим вели дека го предупредил дури и принцот Вилијам од опаѓање на косата до 40 години и го посоветувал да го следи примерот на Руни.
А самиот Вејн бил задоволен: „Се истуширав, се облеков и се погледнав во огледало. Првпат после долги години мојата глава беше во целост покриена со коса“.
Но проблемите се вратиле. Не помогнала ни втора операција
Радоста на Руни не траела долго. Ниту еден метод не дава 100% гаранција. Дали коренот на влакното ќе фати на новото место зависи од многу фактори - стрес, услови во кои се работи, но главниот фактор е особеноста на организмот и генетска предиспозиција за ќелавеење. Не им фаќа на сите така прекрасно како на Антонио Конте.
Во 2013-та година, само две години после првата операција, Руни се вратил на старото. Косата пак му опаѓала и тој се обратил во истата клиника но сега процесот се растегнал на цели 9 часа.
„Сè помина успешно. Тој е задоволен и не може да дочека да го покаже својот нов изглед“, пишувал The Sun.
На новинарската среќа ѝ немало крај кога Манчестер Јунајтед го освои ФА Купот и на церемонијата доделување медали и пехар се сретнале Руни и принцот Вилијам. После сите изминати години, и натаму трае дебатата околу ќелавоста на принцот Вилијам и онаа на Вејн Руни. Тогаш имале можност и малку да поразговараат и Вилијам искрено го пофалил успехот на Руни. Според гласините во Англија, внукот на Елизабета II исто размислувал за трансплантација, но не сакал за да не се потсмеваат со него.
За жал, два месеци после комплиментот од најпознатиот претставник на кралското семејство, Вејн доживеал нов удар.
Се се случило кога Англија испадна од Европското 2016-та после поразот од Исланд. За време на мечот Руни имал нормална коса на главата а следното утро кога потиштените Англичани се селеле од хотелот Вејн бил речиси без коса. Тоа наводно го прекривал со некој специјален спреј. Средството му ја одржувало формата, го згуснувало влакното и создавало илузија на густина по излегување од под туш.
Денес Руни пак е речиси проќелавен, и тоа долго време после двете трансплантации. Сега тој се шиша кратко и тешко дека ќе продолжи да се бори за да добие густа коса.
Зборуваме за човекот кој издржал илјадници искушенија на патот да стане најдобриот стрелец во историјата на Манчестер Јунајтед и англиската репрезентација. Но Руни се предал во битката со опаѓањето на косата...
Бонус: Околу пресадувањето коса на Антонио Конте.