Ајакс плати рекордни пари за центарфор, па заборавил да го регистрира за Европа

Еден од најголемите и најизненадни трансфери во зимскиот преоден рок беше оној на Себастијан Алер во Ајакс кој за репрезентативецот на Брег на Слонова Коска плати 22,5 милиони евра.

„Копјаниците“ од Амстердам никогаш претходно не платиле толку многу пари па оваа сума е рекордна за холандскиот фудбал.

Сегашниот тренер на Ајакс, Ерик тен Хаг претходно работел со високиот центарфор во Утрехт. Африканскиот Французин за Утрехт одигра две сјајни сезони со 19 и 15 погодоци.

Во Вест Хем во Премиер лигата, Алер ја потврди својата класа и постигна пар спектакуларни голови со ножички преку себе.

Но денес се појави вест дека Ајакс заборавил да го регистрира на листата фудбалери кои ќе играат во Лига Европа.

Амстердамците требале да направат список играчи за еврокуповите и да го достават во Кралскиот фудбалски сојуз на Холандија (KNVB) кој го одобрува и после клубот го препраќа во УЕФА.

„Вистина е дека Алер не се најде на нашиот список играчи за Лига Европа. Работиме на случајот со Фудбалската федерација на Холандија и со УЕФА за да видиме каде е направен пропуст“, рекол член на управата на Ајакс за ESPN.

Кој и да е виновен, на крај Ајакс во осминафиналето на Лига Европа ќе игра без својата најголема ѕвезда во нападот.

4 февруари 2021 - 13:43