Ај Тонали што се коцкал, да видите Пакета од Вест Хем каков комарџија бил

Само што се стишија и спласнаа бурните наслови за скандалот со кладење во Италија кој Сандро Тонали го пренесе во англиска Премиер лига па доби драстична казна, сега пак нов скандал во Англија.

Бразилскиот репрезентативец Лукас Пакета, еден од најдобрите техничари во модерниот фудбал, врвен организатор на игра, се соочува со драконска казна: доживотна суспензија од играње фудбал во Велика Британија!

Причина? Откриени еден куп опклади со негово знаење. Шеесетина уплати на луѓе од неговото опкружување кои „фатиле“ околу 100.000 фунти во кладилници во Англија и Бразил и тоа на тип, пазете: жолти картони за Пакета...

Што е најболно во целата приказна е тоа што Бразилецот кој во минатото својата класа ја потврди во Лион и во Милан а сега во Англија, беше на прагот од потпис со Манчестер Сити. Животен трансфер во еден од најголемите клубови на светот.

Пеп Гвардиола во него гледал огромно засилување за екипата и сметал дека Пакета е играч каков што му треба. Трансферот требаше да биде голем и да заврши деновиве, но сега е одложен на неопределено време поради суспензијата со која се соочува Лукас.

Фудбалерот на Вест Хем е соочен со обвинение по 4 основи за незаконско обложување и намерно добивање жолти картони во Премиер лига. Негови познаници се обложувале дека ќе добие жолт картон а тој намерно добивал, покажала истрагата.

Пакета велел дека е невин, но англиски Сан дознал од извори во фудбалската асоцијација на Англија (ФА) дека ако се докаже дека е виновен, ќе добие доживотна забрана.

Драконски казни досега добивале Кинан Исак (10 години суспензија) зошто се кладел дека самиот ќе добие жолт картон на натпревар од ФА Куп во 2021-ва. Англискиот репрезентативец Иван Тони беше казнет шест месеци минатото лето поради нелегални обложувања, но тој ја одлежа казната, се извини и со фантастични партии и голови стигна до репрезентацијата со која ќе патува на Евро 2024.

Бредли Вуд од нисколигашот Линколн Сити претходно добил 6-годишна забрана зошто на два пати се кладел дека ќе добие жолт картон на натпревари од ФА Куп пред три години.

Луѓето од ФА рекле дека обвиненијата на Пакета се далеку посериозни од овие два случаи горе.

Наводно шеесетина луѓе се кладеле дека тој ќе добие жолт картон и тој го добивал на четири премиерлигашки меча во ноември 2022 против Лестер и плус во 2023-та против Астон Вила (12-ти март), Лидс Јунајтед (21 мај) и Борнмут (12-ти август). Луѓето околу него на 60-ина опклади заработиле отприлика 100.000 фунти а добивките на различни уплати им биле од 7 до 400 фунти.

Парадоксално, прва кладилница која што го пријавила како сомнителен била Бетвеј, обложувалницата која е главен спонзор на дресовите на Вест Хем.

Уплати дека Пакета ќе добие жолт картон биле уплаќани и на ден остров близу Рио де Жанеиро каде тој е роден.

Лукас Пакета беше пред трансфер во Манчестер Сити вреден 80 милиони фунти! Но сега на адвокатите на Бразилецот е да докажат дека тој немал врска со сомневањата, иако докази постојат, велат од ФА која почнала истрага минатото лето.

4 јуни 2024 - 12:50