Ако буџетот за Лига на шампиони и Лига Европа минатата сезона изнесуваше 2,35 милијарди евра, сега тој скока на 3,25 милијарди, соопшти УЕФА на својот сајт.
Кога од овие пари ќе се одбие за организација, солидарност, хуманитарни цели и други трошоци, за клубовите останува да се поделат чисти 2,55 милијарди евра или поточно 2.04 милијарди за Лига на шампиони и 510 милиони евра за Лига Европа.
Од македонските клубови кои ќе учестуваат во квалификациските рунди на двете клупски европски натпреварувања, очекувано на старт најмногу ќе заработи Шкендија, шампионот на Македонија кој не сака така да го викаат, а преку мак фудбал стигна до квалификации за ЛШ.
И да им се случи најнеуспешното и најкусо сценарио на летната европска сцена, тие ќе искешираат сума од 800.000 евра.
Прво 280.000 за учество во првото квалификациско коло во ЛШ, потоа 260.000 евра за учество во второто квалификациско коло од ЛЕ, во случај да го загубат првото во ЛШ и уште плус 260.000 евра како утешна награда за секој шампион кој нема да стигне до групна фаза. Ако на Шкендија и тргне, тогаш разбирливо касата ќе им се полни повеќе.
Трите македонски екипи кои ќе учествуваат во квалификациите за ЛЕ, Вардар, Работнички и Шкупи, ќе инкасираат најмалку по 500.000 евра. За самиот пласман по 260.000 и уште по 240.000 за учество во првото квалификациско коло.
Замислете само пласманот во групна фаза од Лига на шампиони изнесува 15,25 милиони евра, а претходно беше 12,6.
Премии во квалификации за Лига на шампиони
Прелиминарно коло - 230.000 евра
Прво коло - 280.000
Второ коло - 380.000
Трето коло - 480.000
Премии во квалификации за Лига Европа
Прелиминарно коло - 220.000 евра
Прво коло - 240.000
Второ коло - 260.000
Трето коло - 280.000
Плеј-оф - 300.000
За ланскиот историски подвиг во групната фаза од Лига Европа, Вардар од УЕФА заработи 3,6 милиони евра.
Четирите македонските претставници противниците ќе ги дознаат на ждрепката која е зажана за 19 јуни.