Ако прашате навивач на Ливерпул како годинава, одговорот ќе се состои од следниве три факти:
1 јуни: Тотенхем – Ливерпул 0:2 (финале на Лига на шампиони)
14 август: Ливерпул – Челси 5:4 на пенали (финале на Супер Куп на Европа)
21 декември: Ливерпул – Фламенго 1:0 (финале на Светско клупско првенство)
Епа поубаво на биоскоп. Ваква година со овие три меѓународни трофеи немал ниту еден друг премиерлигашки клуб. Екстаза за секој нивен фан.
Покрај овој хет-трик, Ливерпул може да се пофали и со многу моќни бројки, како на пример тоа што во 2019-та освоија рекорден број на бодови во својата 127 годишна историја. Од можни 111 освоија 98.
Она за што жалеа е титулата во Премиер лигата која ја чекаат 30 години. И покрај тоа што одиграа сезона и пол, сепак Сити беше подобар на крај за само еден бод.
Но приказнава сега е сосема поинаква и фактите зборуваат вака:
Доколку Ливерпул го добие заостанатиот меч против Вест Хем ќе има 16 бодови предност пред Лестер и 17 пред Сити.
Тоа значи дека Ливерпул ќе треба да изгуби 6 од останатите 18 натпревари во вториот дел од сезоната за да ја испушти предноста, а Лестер и/или Сити да победат на сите кола до крај.
Доминацијата на оваа банда на Клоп со победнички менталитет најдобро ја отсликува овој податок:
Последниот пораз на Ливерпул во Премиер лигата датира од 3 јануари 2019-та или пред точно 361 ден.
А дома па се бетон. Енфилд Роуд е неосвоива тврдина веќе 980 дена или на точно 50 натпревари на кои оствариле скор од 40 победи и 10 нерешени, а постигнале 127 голови.
Последниот јунак кој ги победил е Кристал Палас во април 2017-та, кога нивниот поранешен играч Кристијан Бентеке им даде два гола.
Само петти пат во историјата Ливерпул успеал да мине дома без пораз во една година, а претходно тоа се случило во 1893-та, 1979-та, 80-те и 90-те, годината кога ја освоија последната 18-та титула.
Инаку играч со најдолга серија без пораз на еден стадион е Мане, а втор е Салах.
Серијата од 50 меча без пораз на домашен терен не им е рекорд. Меѓу 1978-ма и 1980-та на 63 средби не можеа да ги победат на Енфилд.
Овој рекорд сè уште го држи Челси со Мурињо кога на Стемфорд Бриџ од 2004-та до 2008-ма беа непоразени на 86 натпревари по ред.
Колку само работи се испослучија откако Ливерпул загуби последен пат пред своите навивачи.
Манчестер Јунајтед потроши над 400 милиони фунти за засилувања, Челси назначи тројца тренери, Сандерленд испадна од лига и тоа два пати, а Тотенхем изгради стадион.
Патот до титулата Црвените го продолжуваат уште на вториот ден од 2020-та кога го пречекуваат Шефилд Јунајтед.