Утрешниот меч од Лигата на шампионите меѓу Малме и ПСЖ ќе биде прв официјален натпревар за Ибрахимовиќ на Свидбанк стадионот, каде ја почна кариерата во 1999 година, а потоа во 2001-ва направи трансфер во Ајакс.
Златан се враќа во својот роден град од 300.000 жители каде се тепаат да стигнат до билети на стадионот кој собира 18.000 гледачи. Неговиот настап е толку важен за градот, каде на црно влезниците стигнаа до цена од 2.000 евра.
За да се осигура дека ќе го гледаат што повеќе луѓе, Ибрахимовиќ го изнајми плоштадот и со помош на локалните власти организираше групно следење на мечот на видео бим.
„Кога ја видов ждрепката за ЛШ, веднаш го изнајмив плоштадот. Ќе има минимум 25.000 луѓе, стадионот е мал и не можат сите да уживаат во спектаклот. Да беше стадионот на Малме пет пати поголем, ќе се наполнеше. Би ми било драго да го видам Малме во топ форма. Со ПСЖ постои можност да ја освоиме Лигата на шампионите. Не сме најдобри, но ќе видиме...“, изјави Ибра.
Дебитантот во Лигата на шампионите оваа сезона, загуби на домашен терен од Реал Мадрид, а го победи Шахтјор и има шанси за трето место кое води во Лига Европа. Ако на 28 мај 2016-та, ПСЖ се најде во финалето на Сан Сирно, освен од Франција, ќе има и голема поддршка од уште едно место кое се наоѓа 1.250 км северно од Милано.