18-годишниот Исланѓанец од ЦСКА кој си играше со Реал Мадрид

Арнор Сигурдсон има мошне интересен фудбалски пат. Неговиот најдобар натпревар во досегашната кариера беше чудото во Мадрид кое го виделе 16 негови роднини (тетки, чичковци, братучеди). Тоа е, вели, дел од традицијата на Исланд.

„Те бараа, прашуваа за тебе.“
- Очекував, кој клуб е од Шведска?
„Не Арнор, ЦСКА се јави.“

После овој краток разговор со родителите, Сигурдсон само што не се стопил од среќа и задоволство.

Арнор пораснал во пристанишниот град Акранес (на 20 километри од Рејкјавик) со население од околу 7.000 жители и уште од мал знаел што сака да биде кога ќе порасне. Неговите родители цел живот биле во фудбалот: татко му на времето заиграл за младинската репрезентација на Исланд, а мајка му во сениорската женска фудбалска селекција на „Рибарите“.

По крајот на играчката кариера тие двајца заедно се вработиле во клубот Акранес каде често трчал и 4-годишниот Арнор.

„Се сеќавам на првиот тренинг. Тренер ми беше мајка ми, а во екипата сите беа поголеми деца. Јас цел живот играм со постари од мене. Трчав цело време по топката и го дадов првиот гол“, памети младиот и симпатичен Арнор.

***

Денес татко му на Арнор е директор во клубот Акранес, а мајка му го води клупското училиште. Во семејството Сигурдсон сите се во фудбалот: помалиот брат на Арнор се вика Инги и тој на 14 години заиграл за U-15 на Исланд, а 10-годишната сестра Суна тренира аматерски фудбал.

Арнор од мал бил многу разумен па на 14 години веќе почнал да им го пренесува знаењето на 6-7 годишните деца кои ги тренирал и за тоа земал убави пари (околу 330 евра).

На 15 години Сигурдсон се запознал со познатиот менаџер Бјарки Гунлаугсон на еден собир со јуниорската репрезентација на Исланд и овој тогаш му предложил да го носи на проба во белгиски Бриж.

Таму тренирал со деца кои биле 4 години поголеми од него, но Арнор веќе бил навикнат и успеал да ги убеди тренерите во својот талент.

Но управата се двоумела и му предложиле дополнителна проба. Сигурдсон не се согласил, одбил и решил да се врати во својот Акранес каде ја почнал кариерата.

Во 2015 година кога Арнор имал само 16 години, дебитирал за првиот тим на Акранес. Одиграл 6 натпревари и веќе размислувал за попрестижна лига.

На почетокот на 2017 година се појавила Шведска како редовна варијанта за Исланѓаните и Сигурдсон отишол на проба во Норчепинг каде за 5 дена ги фасцинирал тренерот и добил богат договор.

Родителите не сакале да го пуштат Арнор во друга земја така млад, но тој не ги послушал и бил спремен: „Тоа беше голем чекор кон фудбал на друго ниво. Во Исланд првенството не е професионално, а Норчепинг е еден од лидерите во Шведска“, се сеќава Сигурдсон.

На почеток му бил тешко, не успеал брзо да се адаптира, па Норчепинг го пратил на позајмица во четвртолигашот Силвија. Таму Арнор на 3 меча дал 3 гола и брзо го вратиле во прволигашот каде во сезоната 2017/2018 одиграл 25 средби и дал 3 гола.

Летово пред Светското првенство, во Шведска дошол скаутот на ЦСКА Москва Андреј Мовсесјан, за да го гледа Арнор и да позборува со родителите.

На почеток менаџерот на исландскиот талент бил скептичен за трансфер во Русија и намерно ги опструирал преговорите.

"Многу беше важно Арнор да оди во клуб каде тренерот ќе му верува. Јас летово мислев тој да остане во Скандинација уште една-две сезони, но ЦСКА пројави сериозен интерес и не можевме да ги одбиеме. Притоа видов дека нивниот тренер многу им се доверува на младите играчи. Во преговорите со нивните претставници се беше максимално коректно и тоа мене ме убеди", рекол менаџерот на Арнор.

Сигурдсон набрзо се промовираше во лидер на екипата. Стана првотимец а ноемврискиот гол против Рома во Лига на шампиони го убедил селекторот на Исланд да го повика во репрезентација.

„Ти играш на топ ниво во последно време. Доаѓај“ му рекол селекторот на Исланд кој го потсетил дека по исландско-шведскиот спокој, Москва би можела да го „лапне“. Но Арнор брзо се привикнал.

“Најважно во Москва е многу чисто. На улица нема ни грам ѓубре, се изгледа идеално чисто и совршено. Во метро не сум се возел уште зошто користам Uber. А во Шведска немав кола па возев велосипед. Стадионот ми беше толку близу што не морав ни со точак да одам, одев пеш за неколку минути. Сега до тренинг базата Ватутинок има 40 минути со кола. Станот ми е во центар, недалеку од Црвениот плоштад. Искрено, уште не се ориентирам така добро“, признава младиот талент Арнор од ЦСКА Москва.

Синоќа во последното коло од Лигата на шампионите, Сигурдсон блесна на „Сантијаго Бернабеу“ - најславниот стадион на светот: имаше асистенција за голот на Федор Чалов и го постигна третиот гол за ЦСКА која сензационално го прегази Реал во Мадрид (Интересно Реал Мадрид дома во Лига на шампиони постигнал 44 гола по ред. Во последните 8 години топката од мрежа таму ја ваделе: Ноер, Де Хеа, Буфон и Јан Облак. Но не и Акинфеев синоќа).

Интересно, синоќа Арнор го гледале дури 16 роднини од Исланд (братучеди, чичковци и тетки). Вели дека тоа им е традиција. Од Мадрид Сигурдсон ќе лета на Тенерифе каде ќе посетува курс по англиски јазик и комуникации и ќе се спрема за вториот дел од сезоната. Тој вели дека не го интересираат ноќни клубови и воопшто не пие алкохол.

Тој еднаш изјавил дека животна желба му е да заигра за лондонски Арсенал во Премиер лигата. А сезонава со ЦСКА сака да го освои првиот трофеј во кариерата. „После одморот ќе продолжиме да се бориме. Титулата уште е достижна и спремни сме за неа“, вели Сигурдсон по чудото во Мадрид.

„Армејците“ станаа првата екипа во историјата која што го победила Реал два пати во Лига на шампиони во иста сезона: дома и на гости.

Дрско и смело би се рекло. Токму онака како што игра ЦСКА.