Некому е животот Мануел Нојер, а некому Тер-Штеген

Репрезентацијата на Германија самоуверено стигна до 1/8 финале на Европското првенство а во селекцијата и натаму има еден необичен куриозитет. Голманот на Барселона, еден од најдобрите светски голмани Марк-Андре тер Штеген и натаму, цели 12 години не добива шанса. Од познати причини.

Марк-Андре тер Штеген сè уште нема ниту една минута на голот на Германија на Светските и Европски првенства а во репрезентацијата е цели 12 години!

Тер Штеген дебититрал за репрезентација на 26 мај 2012-та година во пријателски меч а на официјален натпревар првпат бранел на 11 ноември 2016-та.

На Европско првенство 2012 не бил повикан, на Светско 2014 не бил повикан. На Еуро 2016 бил на клупа и добил 0 минути, на Светско 2018 бил повикан и добил 0 минути, на Еуро 2021 беше повреден, на Светско 2022 добил 0 минути а на Еуро 2024 досега 0 минути.

МАНУЕЛ НОЈЕР СЕКОГАШ БИЛ ПРВ ИЗБОР НА СЕЛЕКТОРИТЕ

Капитенот на германската репрезентација и на Баерн Минхен е стандардно прв голман на Германија, иако во изминативе десетина години често пропушташе натпревари поради повреди.

Мануел Нојер во сезоната 2012/2013 поради повреда пропуштил 4 меча во сезоната. Во 2013/2014 поради повреда Нојер не се појавил на 5 меча а во следните: 2014/2015 поради 4 повреди пропуштил 6 натпревари, во 2015/2016 3 повреди - 3 пропуштени средби, 2016/2017 5 повреди - 24 пропуштени меча, 2017/2018 2 повреди - 51 пропуштен натпревар, во 2018/2019 поради 3 повреди не играл на 12 меча, во 2021/2022 имал 4 повреди поради кои пропуштил 9 средби, во 2022/2023 имал 3 повреди поради кои пропуштил 53 натпревари, а сезоната поради 3 повреди не се појави на 6 дуели.

Дури и во сезоната 2017/2018 која Нојер ја пропушти речиси цела, Тер Штеген бранеше за Германија на пријателски средби но пред Светското 2018 селекторот Јоаким Лев го вратил во прв тим Нојер и го стави прв голман. Германците не поминаа група а Нојер имаше големи киксови против Јужна Кореја во тешкиот пораз.

Поминаа години од тогаш но ситуацијата не се смени. Тер Штеген требаше да биде стартер на еден натпревар против Северна Кореја на 9 септември 2019-та, Јоаким Лев му ветил место од стартот но по големиот притисок по поразот од Холандија во квалификациите, се предомислил и го ставил Нојер на голот.

„Не сфаќам зошто се случува ова. Во натпреварите за клубот си правам себе одлична реклама, а после доаѓам во репрезентација и седам на клупа. Тоа е удар за мене и секој пат се потешко се помирувам со ова“, искрено рекол голманот на Барселона.

Мануел Нојер реагирал со изјава:

„Додека бевме заедно во репрезентација молчеше, а сега не е задоволен. Мислам дека такви изјави нема да влијаат позитивно на атмосферата во екипата“.

Тер Штеген одговорил:

„Јас кажав што мислам. Ману не треба да се грижи за тоа што што јас мислам и чувствувам“.

Конфликтот тогаш го продлабочил и Ули Хенес, клупската легенда и долгогодишен претседател на Баерн Минхен: „Нојер е број еден. Тука не смее да има никакви прашања. Судејќи според зборовите на Тер Штеген остава впечаток како да освоил 17 Светски првенства. Ние нема да дозволиме да се наруши репутацијата на нашите фудбалери. Најдобрите секогаш ќе бидат од Баерн“.

Позицијата на Јоаким Лев тогаш уште беше стабилна. На 10 месеци до почетокот на Евро 2021 кое се играше во 2021 поради панедемијата, Лев рекол: „Ако не се случи нешто неочекувано, Ману ќе биде наш прв голман на Еуро 2020“.

Од голем конфликт во репрезентацијата ги спаси пандемијата зошто Европското се одложи за следната година, а во меѓувреме Тер Штеген доживеа повреда на коленото во мај 2021-ва и го пропушти Европското.

Во Катар на Светското ист муабет. Нојер на месец дена пред Мундијалот имаше повреда па не бранеше цел месец, а Тер Штеген за тоа време постави рекорд во шпанска Ла Лига со дури 11 меча од 13 почетни во сезоната без примен гол!

Германците не поминаа група (завршија трети зад Шпанија и Јапонија) но на статусот на Нојер тоа не влијаеше.

„МОРА ДА СЕ ПОМИРАМ СО ТОА“

На 5-ти јуни 2024-та стана јасно дека прв голман на Германија на актуелното Европско 2024 ќе биде Мануел Нојер. И покрај тоа што за цела 2023-та бранеше само на ЕДЕН натпревар.

„Не е лесно да си во таква ситуација кога се надеваш дека ќе биде поинаку. Одлуките на селекторот треба да се почитуваат дури и ако не си согласен со нив. Се трудам да одржам високо ниво и да покажам своја игра.

Секако ова е голем настан. Би сакал да играм не кријам. Мислам дека имам многу аргументи во моја полза. На селекторот не му беше лесно да одлучи но јас мора да се помирам со тоа“, рекол Тер Штеген во интервју за Bild.

Мануел Нојер исто смирил топка.

„Проблемот со голманската позиција е добро познат. Ни еден селектор уште не ставил двајца голмани. Да се прифати решението секогаш е тешко. Марк ја знае ситуацијата. Тешко е зошто тој е голман од светска класа кој брани одлично. Но тоа е дел од нашата работа“.

После мечот на отворањето со Шкотска (5:1) Нојер по илјадити пат го прашале за конкуренцијата со Тер Штеген и евентуални спорови а тој рекол: „Ништо не сум читал за тоа. Спорови нема да ни помогнат. Треба да работиме заедно а во таа смисла и на голманска позиција“.

Нојер најверојатно ќе биде стартер и на дуелот од 1/4 финале со Шпанија во Штутгарт. На Мундијалот 2026 Нојер ќе има 40 години, а Тер Штеген 34.

4 јули 2024 - 13:29