Опкружени од потполн хаос, додека лежеле во рововите, британските и германските војници одлучуваат спонтано, без ничија наредба да склопат примирје на Божиќ 25. јануари 1914. година. Тоа било потполно изненадување за нивните заповедници кои не го одобрувале примирјето, но практично не можеле да спречат да дојде со спуштање на оружјето макар на ден-два.
Според службените записи, целиот настан се одиграл во белгискиот град Ипр, кога на ничија земја, Британците виделе дека нешто свети во непријателските ровови, околу 400 метри оддалечени од нив. Германците запеале некоја божиќна песна, по што запеале и Британците. Во еден момент сите се нашле надвор од рововите, си честитале Божиќ и си поделиле цигари, храна, пијалаци и сувенири.
Најважниот момент се случил кога од некоја страна стигнала и кожна топка, по што војниците од Шкотската 133. регимента и германската 6. Јагер дивизија заиграле партија фудбал. Ерни Вилијамс, сведок на примирјето во белгиските ровови, раскажува за целиот настан во една емисија, снимена во 1983. година.
„Од нивна (германска) страна се слушнаа некои божиќни песни, по што запеавме и ние. Некои од нашите кренаа и натписи среќен Божиќ, а во еден момент од некаде долета кожна топка. Тоа не беше фудбалски натпревар како што многу замислуваат. Меѓупросторот беше замрзната ливада, со дупки од гранатите, а ние бевме во чизми. Повеќе се туркавме, отколку што игравме фудбал. Немој да мислите дека игравме како што денес се игра фудбал“, зборува во емисијата Ерни Вилијамс, војник на британската кралска војска.
Во градот Ипр денес има меморијален центар и крст на местото на кое се одиграло Божиќното чудо во далечната 1914. година. Англиската фудбалска асоцијација, заедно со Здружението на Премиер лигата од 2011-та секоја година во овој град организира голем меморијален турнир во чест на загинатите војници на Фламанскиот фронт.
На турнирот играат екипи составени од фудбалери до 12 години, а годинава меморијалот го освоија играчите на Челси. ФИФА и УЕФА исто ја обележуваат 100-годишнината од овој настан, кој е синоним за пријателство, мир и меѓусебно разбирање.