Off Topic

Феѓа Штукан: Паметните веќе немаат луксуз да молчат

Дојдовме до апсурд паметните да мора да се повлекуваат и да бираат зборови за да не навредат нечија плиткоумност и суета. Дозволивме алгоритмите да станат судии, а толпата што во животот не прочитала три книги да држи предавања за медицина, историја, космос и морал. Дигитални дивјаци, вооружени со тастатури и комплетно отсуство на срам. 

Продолжение на „Баталете мајки, шајки“

Иако мојата преставка се однесуваше на дел од плажите во Струга, Инспекторатот направил вонреден инпекциски надзор на целото струшко крајбрежје, проверил 36 локации и ниту една од нив немала Одобрение за урбана опрема. Станува збор за 36 локации без дозвола. Не е можно советот на општината да ја нема оваа информација.  

Трамп се прогласи за најголем

Трамп нормализираше многу глупоштини што во некои други времиња ќе нè шокираа. Замислете, на пример, Гордана Силјановска да објави топ листа на досегашни македонски претседатели на која себе ќе се стави како најдобра од сите. Баш тоа го направи Трамп, среде нерешен Ормуски теснец и рекордни цени на гориво. Ако после Трамп не го изберат Мики Маус, нема како „нормално“ да се продолжи оваа линија на лудило.

Не баш силно светнал БДП

„Луѓе, какви 35 години!“, ќе каже Џамбазов на почетокот на спотот по повод 35 години од независноста на Македонија, како најава за караванот „Силно светнал ден“. Убаво му доаѓа на човек да се потсети на промоцијата на македонските пари, голот на Шаќири, кошаркарите во Литванија, Тоше... сето тоа со „Насмеј се и главата горе“, на Ана и Игор Дурловски. Само што, тие 35 години не беа скроз за смеење. А главата (главно) беше горе зашто ако беше поднаведната, ќе си го видевме џебот.   

На Трамп со трамповска цевка

„Да коментирам диктатор кој е крал на банкротирањето?“, потпраша гувернерот на Онтарио Даг Форд кого Трамп претходно во свој стил го испонавреди и го нарече лакеј и подлизурко. „Трамп е силеџија, од оние што ги познаваме од школо, што ќе ти ја изедат ужинката и ќе ти ги украдат парите, тоа е последниот чиовек од кој би примал совети“ со иста мерка возврати Канаѓанецот. 

Ако може вака, Скопје е веќе спремно

Пловдив беше Европска престолнина на културата во 2019 година, заедно со италијанска Матера. Имаа амбициозна програма „Заедно“ со над 320 проекти, околу 600 настани: изложби, театар, фестивали, концерти, улични уметности, проекти за интеграција (особено за ромската заедница во квартот Столипиново). Но, откако рефлекторите ќе се угасат а културата ќе си ги собере парталите, ќе останат само парталите. И Столипиново.

Расипан телефон

Мало потсетување како функционира старата аналогна игра кога пораката треба да се каже доверливо, од уво до уво. Во случајов се работи за деца низ чиј ланец треба да се протне првичното „мае гери“, за до крај тоа да стане.... ќе слушнете. Истото ова, на идентичен начин функционира и во дигиталниот свет на социјаллните мрежи, само што е далеку понесимпатично.    

Никотинот како рачна за ковидот

Тео Вон: Има ли некоја група која беше имуна на ковид? Доктор Питер Мекулох (кардиолог): Ќе се смееш, постои една таква група возрасни - пушачите. Мислев дека тие први ќе паднат но тие добиваа само умерени случаи.  И не страдаа од продолжен ковид.  Пушачите имаат никотин во крвта и тој го блокира шилестиот протеин.  

Рокот е мртов ем убиен

Дека рок музиката е во дефанзива, јасно е. Се вртат стари хитови, копиљаци се палат на екс Ју музика (дури и онаа која ние постарите ни тогаш не сме ја слушале), на топ листите доминираат некои други жанрови. Мет Волш тврди дека тоа не е случајно и дека рок музиката, која се поврзуваше со бунтовност и преземање ризици, намерно е потисната за да се замени со друга која ќе ја анестезира младата публика.

Кој тоа ќе душка за Светско

Околу терените на кои ќе се игра Светското првентво во фудбал веќе пробно се распоредуваат полициските кучиња роботи на Бостон Динамикс. Опремени со 360º камери, термални и акустични сензори како и вештачка интелигенција, ќе бидат задолжени за обезбедување периметри и регистрирање аниомалии како што се сомнителни пакети и торби. Засега, нема да апат.     

ЦИА го труела голманот на Англија

Приказната е дека ЦИА му ја труела храната на англискиот голман на светското првенство во  фудбал во 1970 година во Мексико. Англија таму е репрезентација која ја брани титулата светски првак а еден од клучните играчи им е голманот Гордон Бенкс. „“Не мислевте ваљда дека ќе им дозволиме на Англија да го победат Бразил?, рекол еден од упатените. Инаку, тоа е време на Студената војна а Бразил го држи про-американски диктатор.  

Ќе донесат ли закон за задолжително гласање за Израел?

Евровизија беше и помина. Кога ние не сме таму некако поминува полесно затоа што ги избегнуваме сите оние хистерии и дилеми дали ние пративме глупа песна (да) или пак гласањето е комшиска намештаљка (да). Австралија да ти дала нула поени за Израел и ете ти знак за тревога која стигнува до нивниот Сенат. Зошто дале нула, како тоа, кој го составувал жирито... Австралија беше грозна за време на пандемијата, таква и си продолжи. 

Ферари си пукаше во коњот

Фановите на Ферари и неговите безвремени дизајни се шокирани од изгледот на првиот електричен автомобил на легендарниот бренд чиј изглед му беше доверен на поранешниот дизајнeр на Епл (види: Се превртуваш ли, Енцо?). Патем, за аутцето бараат 640.000 долари a има домет колку од Скопје до Белград. Меѓу шокираните е и некогашниот прв човек на Ферари, Лука ди Монтеземоло.

Најден е лек за Трамп: ОСТАВКАЛ

Конечно нешто квалитетно и смешно од Џими Кимел. Дечкото предолго беше уфилман дека управува со политичкото мислење во земјата па му се случуваа нервни сломови на сцена, секогаш кога неговите прогнози дека Трамп е готов ќе се изјаловеа. Ни овој клип не е без политичка порака (напротив) ама е барем добар.   

Се превртуваш ли, Енцо?

Новото Ферари (Luce, електрично) личи само на уште еден кинески автомобил. Ништо од храброста и префинетоста на дизајните на Пининфарина. Овој дизајн е на агенцијата LoveFrom, основана од поранешниот дизајнер на Епл, Џони Ајви. Дизајнот го ц'цкале половина децeнија. Ферари си го уби брендот исто како Јагуар пред некое време. 

Нешто е сомалијско во државата Данска

Данска е една од ретките европски земји што објавува податоци за криминалот според земјата на потекло на сторителот. Другите не го прават тоа за да избегнат етикетирање на малцинските заедници. Во Данска Сомалијците водат во најмногу категории (силувања, измами, фалсификати и тешки напади), Палестинците водат по кражби, уцени и кражби, Тунижани крадат по дуќани а на луѓе од Сирија голем мерак им прави да дрпаат жени. 

Луѓето што пакуваат можат да се пакуваат

Работник на фабричка лента за сортирање имал дуел со робот што ја работел истата работа. Победил човекот со тесен резултат: во просек му требале 2,79 секунди за пакет, додека роботот трошел 2,83 секунди на пакет. Незадоволни од поразот, овие од „Екипа робот“ го оставиле роботот на лента и тој беспрекорно одработил дури 200 часа на лентата, сортирајќи без ниедна грешка 259.000 пакети. Ни веце, ни пауза за цигара, ни ништо.   

Спрингстин го испрати Колбер со протестна песна

На одјавата на Стивен Колбер и неговото шоу (после 11 сезони и вкупно 1.801 епизоди) дојде и Брус Спрингстин во знак на поддршка на „првото шоу кое го изгубивме затоа што претседателот не знае да истрпи шала.“ Ги запука и газдите на телевизијата CBS (преку Парамаунт), Лари и Дејвид Елисон кои „мислат дека треба да бацуваат нечиј газ за да го добијат тоа што го сакаат“.

Европски молк за израелскиот башибозук

„Замислете Русија или Иран среде Медитеранското море да грабнуваа бродови и да киднапираа европски државјани“ ѝ кажа шпанска европарламентарка на Каја Калас прашувајќи ја дали планира да мрдне со прст во одбрана на луѓето од флотилата за Газа кои беа киднапирани, врзани и понижувани од израeлските власти, вклучително и од нивниот министер Бен Гвир.

Толку ли е тешко да се разбере?

Мразиме стереотипи за машко-женските односи освен - кога ни одговараат. Добро, знаеме дека секакви ги има во сите табори, множества и подмножества ама оваа теза држи вода. Како да изгубиш добар човек? Така што ќе го напнуваш за сенешто. Кога човек доаѓа дома, бара мир и пристојно засолниште од хаосот од кој штотуку избегал. Не бара уште едно воено поле за бескрајни битки. Амин.  

А стварно не познаваме хорсаш кој кашла

Феликс Хофман, хемичар во компанијата Бајер, ги има синтетизирано аспиринот и хероинот речиси во исто време, во само десетина денови во 1897 година. Аспиринот бил пуштен како „предгрупа“ и загревање на публиката за фаворитот хероин, кој се рекламирал и продавал првенствено како сируп против кашлица, но, помагал и за несоница. Врвната наука во тоа време го оценила како безбеден и за деца.

Бир Мингем

Бирмингем некогаш беше симбол на англиската индустриска револуција, од таму се Ози Озборн, момците од Дуран Дуран, Џејмс Ват, Џ. Р. Р. Толкин... Неодамна во градскиот совет се одржа инаугурација на Закир Чоудри кој ја понесе најважната церемонијална титула во градот, „Lord Mayor“ и „Прв граѓанин на градот“. Соодветен верски клерик го поздрави со пригодна, тоест божја реч. 

Фејкерскиот гламур на Џенифер Лопез

Заради вакци сцени, не фаќа жал ем греота за тоа познатите. Во случајов, Џенифер Лопез. Треба ѕвездата да излезе од хотел, ама не е гламурозно да се меша со обичен народ (меѓу кои и мајка со дете), па ко попче чека да се расчисти коридорот од плебсот, за да може таа сама да излезе пред папараците кои ќе викаат: Уау, уау... Оти па ние кога ќе го видиме тоа, ќе помислиме дека ѝ е златна. 

На израелските министри им се може сè

„Добредојде во пеколот“ ѝ кажа на една активистка израелскиот министер за национална сигурност Бен Гвир, кој заедно со министерот Смотрич се најголемите гадови во владата на Нетанјаху. А потоа ги исмејуваше, провоцираше и понижуваше притворените активисти од флотилата за Газа (главно Шпанци и Италијанци), терајќи ги врзани и на колена (со чело на под) да ја слушаат израелската химна. 

Од Зорт излезе Албум

Првата која ја објавивме од Зорт (ЗПО, септември 2021) во меѓувреме нарасна во цврст, расен албум со многу отсвирени инструменти, семплови и разиграни рими. „Запознавање на Природата и Општеството“ има 8 ствари; наидовме на познати фаворити (Што е што, Социјализирај се), си најдовме и нови. Ќе си најдете и вие во тие 20-тина искрени минути Зорт.  

Учете јазици, за да не останете гладни

Некаде во Турција ставила автомати кои, кога минувач ќе остави паричка, пуштаат храна за уличните мачки. Локалните галеби сфатиле дека оние створења на четири нозе кои мјаукаат наоколу добиваат гага храна, па научиле и тие да мјаукаат. Ќе мјаукаш, што ќе правиш.

И ти можеш на Светско

Само треба да си махер за правење видеа со помош на вештачка интелигенција. Тоа го прави еден лик кој толку умешно се вметнува себе во сцени од фудбалски настани што си проаѓа и подобро отколку навистина да бил таму.   

Метално православие

На Бендкемп еден од најпродаваните албуми неочекувано стана албум на грчки поп од гратчето Нафлпион (првиот главен град на модерна Грција). 52 годишниот Дионисиос Табакис сам се снима по дома а албумот “Paradise Metal” се претставува како „ мешавина од византиски црковни песни, богослужби и странски транс движења“. Не е виртуоз како Стиви Ваи ама барем не е луд како Петар.

Крпен живот

Доскорешниот шеф на кабинетот на Зеленски месецов беше уапсен со обвинение за перење околу 10 милиони долари што било само дел од една поширока коруптивна операција во која исчезнале 100 милиони долари. Му беше одредена кауција мрсна од 3,2 милиони долари. Кутар човек, едвај најде 3,2 милиони долари за да излезе од зад решетки. Инаку, во пријавата за приходи, Андриј Борисович Јермак пријавил дека заработува само нешто над 1.000 долари месечно.

Кинезите го ловат Сонцето

Кинезите претвориле дел од океанот во огромна офшор соларна фарма која може со недели да опслужува град колку Чикаго. Цифрите се импозантни: 2.3 МИЛИОНИ соларни панели, 2.934 челични платформи, 11.736 столбови забиени на океанското дно, изградени да издржат мразови и бури од најсилните. И под сето тоа мрестат риби.