Ведрана Рудан - да се избере живот кога смртта е неминовна

Која е смислата подложувањето на оперативни зафати, хемиотерапии, радиолошки зрачења, морфиум ако битката уште на почеток е сто посто изгубена?! Пет процентната операбилност не значи и излекување, туку само продолжување на животот со болеста, за кој седумдесет и шест годишната Ведрана пишува дека бил умирање на рати. За разлика од учената Ведрана, мојата необразувана мајка сето тоа го знаеше.

Пишува: Ненад Живановски – Столиќ

Ведрана Рудан кога реши јавно да проговори дека е болна од карцином и преку своите колумни читателите да ги известува за фазите низ кои поминува, како што вели, во постепеното умирање, индиректно својата приватна работа ја направи вест за јавна опсервација. Со тоа се согласи и јавно да се зборува и коментира за агонијата низ која проаѓа. Оттука, и овој текст треба да се разбере како споделување на различно искуство и гледиште за истата борба низ која поминува оваа писателка. Допирни точки помеѓу хрватската писателка Ведрана Рудан и мојата покојна мајка Благица воопшто и да не постојат. Освен онаа божјата дека и двете се жени. Во сè останато тие се два спротивни света, две крајности кои во ниеден дел од животот не се допираат, а од самото раѓање животите им се раздвојувале како две реки кои течат во две спротивни насоки.

Ведрана Рудан е сè она што мојата мајка не беше. И, обратно. Патот на Ведрана бил да се образува, и тоа високо, да се бави со јавна работа, прво како новинар, а потоа и како писателка. Уште во раните години на моминската младост, таа се осознала себе си и како феминистка. Според ново говорот, постанала и борец за женски права (би додал и машки презир). Како напишала во една колумна, во младоста мажите ѝ биле марамчиња за еднократна употреба, а во зрелите години законскиот сопруг го изневерила со сегашниот маж. Можеби за неа небитен, но за овој напис важен е и фактот дека таа е атеист, и не само што не верува во Господ туку знаела и да го исмее во своите поранешни колумни.

Мојата мајка имаше само основно образование, беше домаќинка и воопшто не знаеше што значи зборот феминизам, ниту пак да се биде феминистка. Својата женска супериорност во бракот со нејзиниот (единствен) сопруг ја бранеше кога тој како социјалистички чиновник од петте испеглани кошули ќе ја избереше да ја облече за работа онаа неиспегланата. Тоа многу ја излудуваше, бидејќи сметаше дека со тоа ја посрамотувал пред неговите колеги претставувајќи ја како жена која го запоставила својот сопруг. Сепак, на крајот од нејзината родова битка, како победник испадна таа: татко ми научи да облекува само испеглани кошули. Тоа беше нејзиниот феминистички триумф во бракот кој траеше онолку долго колку и се заколнале кога биле пред матичар: „Додека смртта не нè раздели“. И, да, таа беше голем верник во Господ и православното христијанство.

Сепак, и покрај двата сосема различни и неспоиви животи, Ведрана и мојата мајка имаа и една допирна точка. Божјата волја ќе сака да ги доближи на крајот од нивите животи и да покаже колку и да сме различни во текот на животот, сепак сите сме едни исти божји чеда на крајот од нашето овоземско патешествие. Таа сличност која ги доближи им беше смртта т.е. умирањето. Мајка ми почина од карцином на жолчниот канал. И Ведрана постепено умира од истата болест.

Кога мајка ми го доби ракот, доста читав и истражував за него. Некаде налетав на податокот дека медицинската статистика го одредувала како многу редок рак. Од сите заболени пациенти со различни видови канцер, на него му отпаѓале само два отсто. И од тие два отсто, шеесет проценти биле мажи, а четириесет проценти жени. Значи, да сте женски пол и да добиете карцином на жолчниот канал процентуално е околу 0,80 проценти од севкупно заболените од сите видови малигнитети. На мајка ми знаев да ѝ речам, кај би ти бил крајот, кога на ваква ретка статистика, судбината би те погледнала во играње лото.

Може ли ракот да биде хуман?

Меѓутоа, кога ракот е веќе тука, го нападнал вашиот близок, после првичниот шок, беспомошност како да му помогнете, скриените солзи од најмилиот кого сте го исплакале уште додека бил жив, го сфаќате следново: ако веќе морало да дојде до најлошото, тогаш да добие рак на жолчниот канал, колку што е реткост, толку е и ретка среќа што од сите можни канцери имал среќа токму тој да му се падне. Во продолжение, преку искуството со мојот родител, лаички ќе се обидам да објаснам зошто, парадоксално, го сметам за „најхуманиот“ (?!) или „најдемократскиот“ рак од сите останати.

Нормално, сè е право на избор, па така и односот на болниот кон неговата болест. За разлика од Ведрана, која решила да се бори до последен здив во битката во која нема шанси да победи, мојата мајка одлучи да се предаде уште во истиот момент кога ѝ беше соопштено од што боледува и од што ќе умре, највеќе за три месеци. За лекарите во јавното здравство тоа беше неоперативен карцином, бидејќи поради положбата е тешко пристаплив. За хирургот во комерцијализираната приватна клиника тој беше и тоа како операбилен, со зборовите „нема да ве направиме балерина, но секако ќе ви го продолжиме животот“. Исто како и Ведрана, и мајка ми спаѓаше во оние пет отсто заболени, кај кои е можна операцијата, но само ако ве проценуваат во приватна клиника. За разлика од Ведрана, мајка ми беше побожна жена и веднаш ја отфрли опцијата за операција. Велеше, не сакам да ме отвораат, сакам на оној свет да заминам онака како Господ ме создал. Со сите органи на број, здрави или болни, тие се мои и дел од моето тело. Но, освен ова нејзино религиозно-филозофско размислување, убеден сум дека главната причина зошто не ја прифати операцијата беше неизвесноста која ја носеше оптимизмот од зборовите на лекарот: „Ќе ви го продолжиме животот ако се оперирате“. Таа не сакаше продолжување на живот, ако тоа не е ист живот како и пред да се разболи. Ако продолжувањето на живот значи мачење и агонија прво за неа, а потоа и за најблиските, тогаш тоа можеби ќе биде успех за хирургот, но е казна за пациентот во неговата борба со болеста. Знаеше да рече, сум живеела 75 години, што би ми значеле дополнителните две, па и три години продолжение ако е тоа мачно и одложено умирање. Конечната одлука ѝ беше: „Операцијата не доаѓа во предвид. Ќе живеам онолку колку рекол Господ“. Или, божјата одлука пренесена од устата на лекарите - уште три месеци.

Дали операцијата е спас или казна?

За разлика од неа, Ведрана реши да се бори т.е. оперира. Кога случајно на ултразвук ѝ го откриле карциномот на жолчниот канал, ѝ рекле дека ако не се оперира ќе живее најмногу три месеци. Од операцијата поминаа веќе две години, а Ведрана сè уште е жива и постојано нè известува преку нејзините колумни за сопствената борба со ракот. Во една од последните колумни вели дека тоа не било живот, туку умирање на рати. По операцијата ниту еден збор на среќа и радост нема споделено за „успешно извршениот хируршки зафат“. Постојано ги фали и им се заблагодарува на лекарите и медицинскиот персонал за палијативната грижа, но не и за нивната работа која ѝ го продолжила животот. Пишува за несносни болки, за неможноста да се движи, за неуредувањето во кревет, за тоа колку незамислив бил ужасот да се умира од рак.

Откако при здрава свест, во еден од своите романи ја исплука својата мајка, сега, кога болеста ѝ е во метастазирана фаза, таа јавно ги оцрни и своите деца т.е. синот. Јавно напиша дека во четири месеци не нашол петнаесет минути време за да ја посети. Во друга колумна јавно му соопштува на истиот тој син дека нема да му остави ни дел од нејзината куќа. И, што е најстрашно, не сака да биде присутен на нејзиниот погреб. Ако е толку сурова кон своето дете, зошто би била поблага кон пријателите? За нив пишува дека не ѝ се јавувале повеќе, бидејќи им досадила со тоа што живеела подолго отколку што тие очекувале. Единственo, пофални зборови има за својот втор сопруг, за кого пишува дека на секои две недели ја носел на фризер.

Од медицината која ми беше достапна додека го изучував карциномот на жолчниот канал дознав дека прогресот на оваа болест најчесто одел и во правец што жолчната течност полна со токсини кои не проаѓале низ затнатиот жолчен канал за да се исфрлат од телото, се мешале со крвта и преку неа оделе во мозокот при што токсините можеле да предизвикаат различни психотични и невротични однесувања. Не само физичката болка, туку и менталната нерамнотежа е дел од оваа болест.

Дали и ракот е од Бога?

И покрај ваквите шокантни јавни исповести на Ведрана (лично сметам дека некои приватни работи, сепак, треба да останат во кругот на семејството), зошто погоре наведов дека карциномот на жолчниот канал за мене е еден од „најхуманите и најдемократските канцери“? Поради тоа што тој дава можност за избор. Ако тоа што на стари години се закачил токму овој вид на рак се разбере како вест од Бога дека крајот на животот е дојден, тогаш тоа треба да се прифати како конечно и да не му се спротивставува со одложување. Бидејќи, која е смислата подложувањето на оперативни зафати, хемиотерапии, радиолошки зрачења, морфиум ако битката уште на почеток е сто посто изгубена?! Пет отстотната операбилност не значи и излекување, туку само продолжување на животот со болеста, за кој седумдесет и шест годишната Ведрана пишува дека бил умирање на рати. За разлика од учената Ведрана, мојата необразувана мајка сето тоа го знаеше. Со дијагнозата таа ја прими, според неа, и божјата порака дека нејзиниот овоземски пат тука се завршува и дека нема причина на тоа да се спротивставува.

Што доби таа со тоа што одлучи да му се предаде на ракот без да се бори и ги прифати „трите месеци“ како последни во животот? И на кој начин ракот „благородно“ ѝ возврати за таквата одлука, за да можам да го наречам „најхуман рак“?

Прво, неговите првични симптоми беа доста благи. Кога ѝ беше соопштена дијагнозата мајка ми немаше никакви болки (на ултразвук се видело дека жолчниот канал бил 8 милиметри широк, само два милиметри повеќе од нормалните шест, што е суспекција дека е отпочнат малигнен процес). Единствено што добиваше беа напади на чешање по целото тело, кое, за волја на вистината, во одредени моменти беше толку интензивно што ја излудуваше. До ова чешање доаѓало бидејќи крвта се контаминирала со токсините од жолчната течност, при што билирубините енормно се зголемувале и се таложеле под кожа. Реакцијата на тоа било неподносливото чешање. Меѓутоа, еден месец подоцна, телото се адаптира, чешањето престанува и мајка ми продолжи „нормално“ да живее. Поради локацијата на жолчниот канал, неговата метастаза најпрвин го зафати црниот дроб, кој поради тоа што нема нерви, нема ни рецептори за болка. Така што метастазата во првата фаза воопшто не ја ни почувствува. За разлика од болни од карцином на бели дробови или дебело црево за кои постои сведоштво дека од болки толку викале да од приземје ги слушале на третти кат или барале пиштол самите да си ги скратат маките.

Дали одложената смрт е и живот?

Паралелно со симптомот на чешање, друг кој ѝ се јави беше стомакот да ѝ се полни со течност. Палијативна нега значи таа течност со пункција да се вади. Тоа значи олеснување во моментот, но продолжување на агонијата, бидејќи со вадењето вода само се одложува смртта, а метастазата добива на време за да се прошири и на другите органи. Мајка ми ја одби и оваа можност. Стомакот видно секој ден ѝ стануваше сè повеќе подуен, што го отежнуваше нејзиното движење, но далеку од тоа да не можеше самата за себе да се грижи од самостојно одење во тоалет, до земање храна. Конечно, кога стомакот целиот ѝ се наполни со течност, асцитот почна да ја пополнува и празнината околу срцето. За да една вечер, таа ја изгуби свеста на десетина минути, после кои постана тешко подвижна и изнемоштена од ослабеното срце. Дванаесет часа по почетокот на оваа финална фаза од нејзиното умирање, таа се упокои. Тоа беа и единствените часови кога вистински се помачи од ракот на жолчниот канал. Сепак, причината за смрт во лекарскиот извештај беше - срцев удар.

На крај, испадна дека мајка ми успеа и да го заебе ракот, од кој боледуваше, и да почине, во спиење, со лесна смрт, поради ослабено срце. А и Господ од своја страна ја почести: наместо три месеци, живееше еден месец подолго. Но најважно од сè, нејзината смрт беше достоинствена, без да се унередува под себе или да зависи од друг за да биде нахранета. Мојата мајка својот последен танц во животот го изигра грациозно, токму како балерина, за која хирургот во приватната клиника не ѝ ветуваше дека ќе ја направи ако ја оперира. Ништо не почувствува од она за што Ведрана постоперативно сведочи: дека квалитет на живот не постои, а одложувањето на смртта ѝ е најголема казна бидејќи ѝ држат сад за повраќање, ѝ ги менуваат пелените, исфрлаат измет додека ѝ се превртува желудникот бидејќи не може да ја поднесе сопствената смрдеа.

Достоинствена смрт или деградиран живот?

Според пишувањето во колумните, Ведрана е целосно физички и ментално уништена. Ракот од жолчниот канал ѝ метастазирал, при што ги зафатил и коските. Сега спасот таа единствено го гледа во смртта. Две години по успешната операција, таа очајно ја посакува смртта што поскоро да ѝ се случи, а „медицинскиот персонал да престане да ја одржува во бесмислениот живот“. Забележително, во последните писанија почнува да го спомнува и Господ, Свети Петар, рајските градини. Стара е изреката дека и најголемиот атеист почнува да верува во Господ кога ќе легне на посмртната постела.

Со ова не сакам да судам ниту да ја оспорувам нејзината одлука за избор за живот кога смртта била неминовна, бидејќи секој е господар на сопственото тело. Но, убеден сум дека во истата партија покер, мојата мајка подобро одигра затоа што влогот го стави на достоинствена смрт, а не на деградиран живот.

п.с. Седум години по нејзиното упокојување, од ист вид карцином се разболе и нејзината помлада сестра. И таа почина поради срцева инсуфициенција, три месеци по утврдената дијагноза.

2 август 2026 - 17:22