Off Topic

БЈР Матрикс

Брус Ли не тепаше, Брус Ли страдаше. А страдаше затоа што беше принуден да ги тепа овие неразбраните! Како што може да ви каже секој локален „почитувач на делото на Ингмар Бергман”, токму тоа на Бруса најтешко му паѓаше. Пошто беше јак ко вол ама благороден ко шарпланинец.

Илон Маск: На факултет не ве учат туку ве примитомуваат

Откако речиси секоја лекција, предавање и учебник може да се најде бесплатно бидејќи осум милијарди носат библиотека во својот паметен уред, монополот на знаењето се урна за само една деценија. Но, звучните имиња на високообразовните институции не ја ажурираа цената. За таа цена младите луѓе биваат тестирани дали можат да бидат послушни и да извршуваат домашни задачи без да прашаат зошто. На системот му треба да бидете примитомени. 

Одбери ја својата криза на средни години

Не е лесно да си икс или миленијалец во „најубавите години.“ Премлади за умирање, престари за рокенрол, луѓето во тие години често знаат да поблесават во непознат правец, честопати во неколку контрадикторни правци. Ќе ги познаеш по тоа што почнале нешто скроз ново благодарејќи на животната мудрост, што ги откриле вистинските приоритети во животот и најмногу по тоа што се уби боже досадни кога ти зборуваат за тоа.  

Македонска компанија може да го рециклира Светско

По промената на спонзорствата или договорите за опрема, огромни неискористени залихи спортска опрема често завршуваат за уништување. Ројтерс направил фин прилог за македонска компанија која во сорабoтка со својот холандски партнер им дава втор живот на фрлените фудбалски дресови, торби, капи....

Вимблдонска утопија

За Макфакс Новак Ѓоковиќ изјави: „Имам голема желба да ја посетам Македонија, а, можеби, и нешто би организирале со Лина Ѓорческа и со Калин Ивановски“. Останатите портали во Македонија, за да избегнат да пренесат од конкурентски портал, но, веројатно, и поради кликбеит интерес, изјавата на Ѓоковиќ ја „пуштиле“ низ ВИ моделите па секој портал објави своја верзија на зборовите на Ѓоковиќ. Еден од нив беше: „Ѓоковиќ најави спектакуларен тениски меч во Скопје со Лина и Калин“.

Како рокенролот остана инфантилен

Погледнете ги Гиле и Аница Добра и ќе сфатите за што зборува Урош Ѓуриќ. За разлика од некои светски ветерани на рокенролот (Иги Поп, Дилан, Спрингстин...), добар дел од долговечните рокери од овие простори тематски не созреаја со своите години туку продолжија да рециклираат мотиви од својата младост, што знае да звучи и да изгледа баш гротескно. За разлика од една богиња Шемса, на пример.  

Боб Дилан - Ван Морисон

Knockin' on Heaven's Door, 1998-ма, Бирмингем

Проклета је Бразилија

Бразилската сиромаштија и златната грозница по подобар живот дополнително ги упропастуваат битните убавини на оваа земја. Илјадници нив секојдневно аргатуваат со кал на телото и злато во очите.... Фото извештај од рудникот Сера Палада. 

Светски а не наше

На странските читатели ова ќе им биде забавно затоа што стариот уште знае детски да се затрча (трчање познато како тг-дк, тг-дк...) а домашните ќе бидат шокирани од тоа што сè може да забележи (и притоа да застане) еден возач на автомобил. 

10 филмови што Роџер Еберт стварно ги мразеше

Не е работата во тоа само дека Еберт целиот живот го живееше со филмови, или само дека се разбираше во филмови, туку главниот шмек го даваше начинот на изразување што тој го имаше. Ова посебно беше воочливо кога некој филм немаше да му се допадне.

Врати од факултет

Прво го вративме во студентските денови кога се преждерувал во менза, сега одиме уште еден чекор назад: Џим Морисон, во промотивно видео за универзитетот од неговата родна Флорида. Јунец!

Да ја жалиш, да ја плачеш

Кога нашава планета би водела дневник за тоа како живее и што се и се случува, ова би бил нејзиниот видео запис од јануари 2013-та.

Филмска магија

Затоа што компјутерите (сега за сега) не можат да направат нешто од ништо, а тоа да изгледа барем приближно уверливо, се уште се потребни луѓе кои ќе ја смислат целата измама. Како изгледаа некои од најпознатите филмови додека се крчкаа.

Лејт најт реденка

Вчера ЕнБиСи ја потврди веста дека Фалон го заменува Лено. Сите се наредија да кажат нешто на темата: Лено, Летерман, О'Браен, Фалон и Кимел.

Една е мајка со каиш

Виталиј планира од својата мајка да побара пари. Кога ќе праша за што му се, ќе ѝ признае дека има проблеми со хероин. Тоа е планот.

Очи полни живот

Во 70-тите години светски познатата Марина Абрамович има интензивна љубовна и креативна врска со перформерот Улај (Уве Лајсипен, Германец). Кога почувствувале дека нивниот однос доаѓа до својот крај, решаваат да го направат својот финален заеднички перформанс. Секој од нив тргнува од еден крај на кинескиот ѕид. Одат еден кон друг, се среќаваат некаде на средина за да се гушнат за последен пат и никогаш повеќе да не се видат. Е, сега.... 

Дечки, no future

27 мај 1977-ма година, Секс Пистолс го издаваат синглот God Save the Qeeen за ротеновскиoт крик "no future" засекогаш (ок, не засекогаш, до кога ќе се појават бој бендови и се ќе биде по старо) ќе ги здрма темелите на кои почива музиката и нејзиниот однос кон реалноста. 36 години подоцна, истиот панкерски гнев и очај ќе се всади во оваа групација руски билмези.

27 минути за Вас и Били

Имате работа преку глава, не знаете што попрво да фатите? Што и да е, одложете го за 27 минути колку што трае ова документарно филмче за Били Холидеј, накрцкано со боговска музика која остатокот од денот ќе ви го направи поподнослив. Многу ли бараме од животот?

Кошмар караоке

Веројатно ова е нешто најприближно на тренинг камп за певаљка во некоја балканска кафана. Идол / Талент тип на шоу, дополнето со кошмар.

Голфот станува интересен

Популарноста на најдосадниот спорт на светот, голфот, најверојатно се должи на онаа мудрост, дека покрај сексот, тоа е единствената работа на светот во која можеш да уживаш дури и да не те бива за тоа. Но, конечно, нешто интересно и таму. Ховеркрафт! Така може.

 

Вистината за калориите

Секоја пакувана храна во САД мора да има истакнато таблица со бројот на калории и масти што таа ги содржи. Она што ниту една храна не треба да го направи е која било владина институција да и ги верификува бројките и податоците што се испишани на пакувањето.

Што прави човек за цигара

Соочени со следниве фото докази, мора да признаеме дека пушењето навистина може да биде штетно по здравјето. Цигарите најсмртоносни знаат да бидат кон глупи луѓе.

 

Шал табла версус шофершајбна

S Моделот на Тесла го има најнапредниот и најзабавниот тач скрин интерфејс на светот. Огромен, 17 инчен екран со милион супер интересни подесувања за сите можни детали од возењето. Да, проблем е кога она што го гледаш на мониторот е поинтересно од она што ти се случува пред шофершајбна.

Изгубеното интервју со Џим Морисон

1969-та година, Џим Морисон разговара со човек од Вилиџ Воис, меѓу другото, за тоа колку бил среќен што се правел свиња во факултетските денови, ждерејќи нездрава храна во студентската менза. Тазе анимиран, еве го тој дел од муабетот во кој Морисон го брани правото да се биде дебел.

Сакавте патека? Еве ви патека!

Да се искрени, урбаните градоначалници најрадо би поделиле вакви велосипедски патеки, само да ги замолчат досадните велосипедисти кои во последно време се занесуваат со идејата дека треба да преживеат кога се возат со точак низ град.

Варено а матено

Ако во близина имате луѓе кои пребираат па ја јадат само жолчката или само белката од јајцето, на Велигден изненадете ги со следново трикче: дајте им сварено а матено јајце.

Ладна гаќа за плодни мажи

40 проценти од проблемите со неплодноста лежат кај мажите. А главната причина е врелината на јајцата која ги спржува сперматозоидите. За да не мора никој да става мраз на јајца (ух!), here comes гаќата која лади.

Исчашени филмови

Познати филмови, извадени од својот временско - просторен контекст и замислени во друго време и со други луѓе. Би ги гледале сите, особено Биг Лебовски.