Off Topic

БЈР Матрикс

Брус Ли не тепаше, Брус Ли страдаше. А страдаше затоа што беше принуден да ги тепа овие неразбраните! Како што може да ви каже секој локален „почитувач на делото на Ингмар Бергман”, токму тоа на Бруса најтешко му паѓаше. Пошто беше јак ко вол ама благороден ко шарпланинец.

Илон Маск: На факултет не ве учат туку ве примитомуваат

Откако речиси секоја лекција, предавање и учебник може да се најде бесплатно бидејќи осум милијарди носат библиотека во својот паметен уред, монополот на знаењето се урна за само една деценија. Но, звучните имиња на високообразовните институции не ја ажурираа цената. За таа цена младите луѓе биваат тестирани дали можат да бидат послушни и да извршуваат домашни задачи без да прашаат зошто. На системот му треба да бидете примитомени. 

Одбери ја својата криза на средни години

Не е лесно да си икс или миленијалец во „најубавите години.“ Премлади за умирање, престари за рокенрол, луѓето во тие години често знаат да поблесават во непознат правец, честопати во неколку контрадикторни правци. Ќе ги познаеш по тоа што почнале нешто скроз ново благодарејќи на животната мудрост, што ги откриле вистинските приоритети во животот и најмногу по тоа што се уби боже досадни кога ти зборуваат за тоа.  

Македонска компанија може да го рециклира Светско

По промената на спонзорствата или договорите за опрема, огромни неискористени залихи спортска опрема често завршуваат за уништување. Ројтерс направил фин прилог за македонска компанија која во сорабoтка со својот холандски партнер им дава втор живот на фрлените фудбалски дресови, торби, капи....

Вимблдонска утопија

За Макфакс Новак Ѓоковиќ изјави: „Имам голема желба да ја посетам Македонија, а, можеби, и нешто би организирале со Лина Ѓорческа и со Калин Ивановски“. Останатите портали во Македонија, за да избегнат да пренесат од конкурентски портал, но, веројатно, и поради кликбеит интерес, изјавата на Ѓоковиќ ја „пуштиле“ низ ВИ моделите па секој портал објави своја верзија на зборовите на Ѓоковиќ. Еден од нив беше: „Ѓоковиќ најави спектакуларен тениски меч во Скопје со Лина и Калин“.

Како рокенролот остана инфантилен

Погледнете ги Гиле и Аница Добра и ќе сфатите за што зборува Урош Ѓуриќ. За разлика од некои светски ветерани на рокенролот (Иги Поп, Дилан, Спрингстин...), добар дел од долговечните рокери од овие простори тематски не созреаја со своите години туку продолжија да рециклираат мотиви од својата младост, што знае да звучи и да изгледа баш гротескно. За разлика од една богиња Шемса, на пример.  

Анатомија на Клеш

Две транжирани химни од легендардните панкери, соголени на своите составни делови. Мераци!

Ристо Ничевски гангстер издание

Најдоброто упатство за шах што ќе го разбере секој, од мафијаш до партиски војник. Како се станува крал? Не се станува, гледај да бидеш паметен пион и да останеш во игра.

Видео CV

За да не му мина животот како во вицот со човекот кој го молел Бога да добие лото (А да уплатеше?), Иван Шариќ од Хрватска решил да "уплати" видео апликација за работа кај најгласниот сатиричен мегафон од Америка, Џон Стјуарт. И дечкото не е ич лош.

Порака од вашиот провајдер

Како треба да изгледа реклама за компанија која нуди одличен, брз, супер- хипер брз интернет со гратиси од милијарди мега, плус неверојатно квалитетни тв канали по најниска цена а поддршка за корисници 24/7.... кога рекламата би требало да е искрена. Фак ју!

Граници на научното

Го прашуваат Ричард Докинс како ја оправдува вербата во науката, во тоа дека научниот метод нè приближува до вистината... И тој одговара прописно, но, чекајте го моментот, аплаузот го добива за нешто скроз не-научно. Цар!

Машки муабети

Оди по жени за кои мислиш дека се над твојата класа, можеш пријатно да се изненадиш. Секогаш допивај си го пивото. Ако си најпаметен во собата, тогаш си во погрешна соба.

Господар на сцената

Да се пее на сцена знае кај луѓето да роди боговско чувство. Ти во центарот, публиката ти е пред нозе, суверено командуваш со тој дел од универзумот. Сè додека еден неочекуван допир не ти го скрши филмот.

Човечиња

Всушност не се луѓе, туку животинчиња стокмени како луѓе. Во сако, фрак, кошула, елек, кожна винтијага, џемпер, на кој што му стои. Фотосесијата се вика Zoo Portraits и е дело на Шпанецот Јаго Партал.

Глумици без заби

Греота е кога на толку изборни плакати нема да ти текне вакво нешто. Ќе се чуваме за некоја година.

Кога Марли ги сретна Битлси

На акордите на Let it be, Марли ја пее No Woman... A после, обратно. Двете песни се сакаат ко братче и сестриче.

Како изгледаат 2.000 калории

2.000 калории е бројката што се смета за оптимумот колку храна треба да внесете во текот на денот. Ова е бројката за просечен човек (бидејќи во зависност од вашата големина таа може да варира) и ова е просекот што го пишува на сите табели за храна на производите. За да не се прелажуваме дека 2.000 калории се многу, еве ги како изгледаат.

Со нафта и баба ми може

Кога имаш пипер - патлиџан, можеш да решиш да го смениш личниот опис на центарот на главниот град (на подобро или полошо, слободно колете се на темата). Кога имаш нафта и руда, можеш да си го дозволиш ова.

За талент се доволни 2 години

Малиот е роден апаш. Ноќе, доаѓа до заклучената соба на сестра му, со алат за обивање врата, ги крие доказите, влегува... ама, кога ќе видите што украде, не може да не му простите.

Дозволи ми да кажеш нешто

Оваа вентрилоквистичка точка не е ич нова (ланска е) ама останува едно од најбријантните парчиња сценски хумор изведен со помош на некој од публиката. Какво наседнување, каков расчекор меѓу говорот на неговото тело и она што таа му го пика во уста, браво.

Мачо маче

Девојка лесно може да му раскине на дечко, освен кога дечкото е тип од гето, онаков пирсан, опасен.... Фраерот направил двоминутно видео во кое најбесрамно ѝ кажува што мисли за неа. Уста една погана, ништо не ѝ преќути!  

Пиратскиот Прометеј на нашето време

Напстер и дузина други сервиси рикнаа ама фала му на бога, БитТорент е живи и здрав и носи 40 проценти од светскиот интернет сообраќај.

Дубиоза Колектив - Кажу

Таман како за после избори: од државата Апсурдистан која ќе биде меѓународно верификувана на 15-ти април ни доаѓа нејзината најтазе химна, потпишана од режимските умeтници Дубиоза Кoлектив.

Човекот кој игра подобро од вас

Спидо купаќа, солиден пивски стомак и еден body confidence рамен на оној на Мик Џeгер. Ајмо царе, покажи ги потезите.

Славење и контраиндикации

Тој што победува, има право да слави. Тој што слави без памет, има право да се кае.

 

Кога Хичкок е психо

Алфред Хичкок го пушта својот филм Прозорец кон двориштето (Rear Window). Некои кино сали го земаат филмот, некои не. Хичкок си купува рекламен простор за да ги поздрави менаџерите на овие вториве. Да ги поздрави со едно упатство.