Маскирајте ги своите WC звуци

Чекајќи лек за рак или нова теорија која релативитетот на Ајнштајн ќе го фрли на буништето на историјата, човечката генијалност успева да се се снајде и во мали форми, во вид на апликации за телефон. Оваа е бесплатна и ќе реши еден ваш личен проблем на начин на кој и намачената планета и вашето репресирано тело ќе ви бидат благодарни.

Операција "Лажен туш" се вика дејствието кон кое ќе можете да пристапите откако ќе ја симнете соодветната апликација која служи единствено за прикривање на звуците кои ги испуштате додека сте на она она место каде што и царот оди пешки.

Исконската желба за приватност и се потенките ѕидови на човечките тоалети го изродиле ова гејм ченџинг технолошко решение со кое човек може да ги надгласи звуците кои извираат "длабоко од него" а притоа да не му е страв дека откако ќе излезе од веце, сите ќе го гледаат како да родил мечка.

Изумителот ни оставил слобода да бираме меѓу маскирен звук на чешма или на туш и три различни јачини, во зависност од сечија индивидуална проценка колкава мечка најверојатно ќе роди.

Тука доаѓа и елементот на глобалната одговорност кон родната планета. Бидејќи во овие ситуации човек најчесто го прави истиот маневар со пуштање вистинска вода, апликацијата ќе пресмета колку вода сте заштедиле пуштајќи ја виртуелната.

Ако ова не е генијално, што е?

* фрлање коска на секогаш претпазливите: кога луѓето кои ја контролираат оваа апликација ќе соберат доволно податоци за глобалните навики на нашите телесни замолчувања, којзнае каков ќе биде нивниот следен производ кој ќе ни го понудат за пари.

 

13 мај 2013 - 13:03