По две години речиси неограничено експериментирање, компаниите почнаа сериозно да се прашуваат колку трошат на вештачка интелигенција - и што всушност добиваат за возврат.
Стимулирани да ја прифатат како канцелариски помошник, вработените почнаа да ги користат моделите со ВИ за се и сешто. Има бизарни примери кога вработените ја користеле скапата алатка за да проверат колку е часот, наместо да погледнат во часовникот.
Ваквите злоупотреби значително ги зголемуваат трошоците на компаниите. Убер неодамна објави дека за четири месеци го потрошил целиот годишен буџет за вештачка интелигенција.
Луѓето имаат тенденција да го автоматизираат она што не сакаат самите да го направат, а не она што создава вредност, изјави неодамна за Аксиос директор од Силициумската долина.
Проверката на сметките по почетната фаза на истражување натера многу бизниси да го оптимизираат користењето на ВИ за да извлечат реална вредност и добивка од инвестицијата.
Питер Десантис, виш потпретседател во Амазон, објаснува дека шокот од трошоците е нормална фаза при секое усвојување на нова технологија.
Дури и во компаниите што ја градат технологијата, завршува фазата за слободен пристап за сите до ВИ, вели Десантис.
И корисниците стануваат се поселективни. Фокусот се префрла кон употреба со поевтини модели со ВИ, ако тие се соодветни за намената.
Не мора секогаш да го користите најновиот модел. Многу често работата ќе ја завршат и релативно поевтините модели, вели Филип Рамбах, главен директор за ВИ на Schneider Electric.
Со други зборови, не секоја задача бара да се ангажира моќта на GPT-5 или на Mythos, која троши многу токени за пресметување, и не секој вработен треба да има пристап до најсовремените алатки.