Ново на интернет: Реклами наменети за ВИ

Агентите со вештачка интелигенција од јуни генерираат повеќе содржини на веб-страниците отколку луѓето. Време беше да се претворат и во корисници. Магазинот Тајм почна на своите страници да објавува реклами што се исклучиво наменети за ботови, кои ги индексираат и долгорочно ги користат како основа во одговорите до реалните корисници.

Магазинот Time од јули почна да ги претвора сите свои веб-страници од HTML во „markdown“ верзии – поедноставени копии што содржат само текст, без дизајн и слики.

Логиката е следна: колку е полесен пристапот, толку се поголеми шансите содржината да се појави во резултатите од пребарувањата на популарните ботови.

На овој начин Time се обидува да оствари приход од растечкиот сообраќај генериран од ботови.

Кампањата се спроведува преку Mobian – платформа за рекламна технологија базирана на ВИ. Рекламите се форматирани како прашања и одговори (FAQ) што содржат информации и пораки од брендови и се означени како спонзорирана содржина.

Јазичните модели ги индексираат сите рекламни информации за секој бренд, а потоа ги користат како основа за одговори во комуникација со луѓето.

Time и Mobian тврдат дека ова е првпат некој издавач да прикажува реклами специјално наменети за агенти со ВИ. Концептот им е продаден на Ally Bank и Project Management Institute.

Податоци на Mobian покажуваат дека околу 15% од брендовите веќе користат сопствени „markdown“ страници. Како што сè повеќе брендови се одлучуваат за интернет со два паралелни текови, таа бројка веројатно ќе расте.

Можеби е поважно да се влијае врз агентот отколку врз човекот, бидејќи во вториот случај влијаете врз една личност. Кога целта е ChatGPT, всушност влијаете врз целиот систем. Ако ChatGPT го промени она што го кажува за некој бренд, тоа има поголемо влијание отколку која било кампања насочена кон поединци, објаснува Џона Гудхарт, коосновач и извршен директор на Mobian.

10 август 2026 - 13:42