Луѓето почнуваат да звучат како чет-ботови

Феноменот кога луѓето почнуваат да прифаќаат изрази од пријателите, соучениците или колегите со кои поминуваат долго време во разговор е познат како лексичко усогласување. Во денешно време ова се пресликува и врз интеракцијата со моделите со вештачка интелигенција. Додека ботовите учат да зборуваат од луѓето, луѓето почнуваат да звучат како ботови. 

Луѓето обично свесно усвојуваат одредени начини на говорење бидејќи се во тренд. Типичен пример на ширење на жаргонот или колоквијалниот говор е изразот „six seven“, кој пред околу една година вирално се прошири на TikTok и беше ентузијастички прифатен од припадниците на генерацијата Алфа.

Но, овие промени можат да се случат и надвор од свесната перцепција.

Хирому Јакура и неговите колеги истражувачи од Институтот „Макс Планк“ за човечки развој анализирале повеќе од 730.000 часа разговори, преземени од над 820.000 епизоди на подкасти. Бидејќи интеракциите се без претходно напишано сценарио, подкастите им нудат одлична можност на истражувачите да утврдат дали спонтаниот говорен јазик претрпува некаква лингвистичка промена.

Резултатите биле слични на оние од студијата на институтот Пју, во која биле издвоени 20 зборови што претежно ги користи ChatGPT, чија употреба нагло се зголемила во спонтаниот говор на луѓето.

Истражувачите направиле и експеримент во кој чет-бот по кратка интеракција успеал да ги наведе учесниците да ги усвојат неговите зборови како свои. Имитирањето продолжило и во наредната задача, кога од учесниците било побарано да опишат низа слики.

Во студијата се забележува дека процесот на усогласување на јазикот можеби веќе го достигнал својот врв. Лексичкото усогласување брзо се зголемувало од 2023 до средината на 2024 година, но оттогаш стагнира или дури и благо опаѓа. Зборот delve (длабоко истражување) е одличен пример за израз кој луѓето почнале свесно да го избегнуваат за да не звучат како чет-ботови.

Исто така, треба да се има предвид дека и големите јазични модели се менуваат уште побрзо. OpenAI и Anthropic на секој неколку недели објавуваат нови и подобрени верзии, кои се обучени врз основа на понови текстови и ги прифаќаат јазичните промени од човечкиот говор. Поради овој двонасочен ефект на приближување на говорот, со текот на времето може да не се прави разлика помеѓу јазикот на луѓето и оној генериран од вештачката интелигенција.

11 септември 2026 - 15:10