Луѓе му ги вршат задачите на новиот агент на Мета

Мета го надградила својот нов агент ВИ со функција автономно да закажува термини и да прави резервации во име на корисникот. Но, интерен документ покажува дека функцијата ја извршува природна интелигенција. Ботот всушност ја префрла задачата врз кол-центри, кои обично ангажираат ниско платени надворешни соработници од странство.

Мета го промовира Muse како сеопфатен „личен асистент“ кој се грижи за сè: од онлајн купување и организирање на пораки во електронското сандаче, па се до средување на финансиите.

Откако само во првата недела по промоцијата половина милион луѓе ја исталираа Muse на своите телефони, Мета се пофали дека ја надградила алатката со функција која во име на корисникот се јавува по разни деловни субјекти за да закажува термини - на пример да резервира маса во ресторан.

Истражувачи од порталот „404 Media“ утврдиле дека некои од овие повици се префрлаат кон класични телефонски кол-центри. Засега не е јасно колку повици се пренасочуваат кон луѓе, бидејќи функцијата сè уште е во фаза на интерно тестирање. Претставувајќи ја пред своите вработени, Мета признала дека „додала слој со човечки агенти за да се осигура успешното завршување на повиците“.

Muse не само што избира број. Тој се јавува кај деловен субјект во ваше име, го води разговорот, го реализира вашето барање и поднесува извештај со транскрипт и резиме. Исто така, тој повеќе не работи сам. Muse сега може да ги префрли барањата на обучен човечки агент, кој го остварува повикот и го спроведува процесот до крај, пишува во интерниот документ.

Некои вработени реагирале со скептицизам, стравувајќи дека прикривањето на фактот дека Muse се потпира на природна интелигенција може да го наруши имиџот и на алатката и на компанијата воопшто. Секако, укажуваат и на безбедносниот ризик луѓе во кол-центри да добијат пристап до електронските сандачиња на корисниците, па и до броевите на картичките, кои се неопходни за да се изврши трансакција.

Претставник на Мета изјавил за „404 Media“ дека функцијата е во фаза на тестирање, но не ја исклучија можноста да стане достапна за пошироката јавност.

Иако реакциите од вработените се исклучително позитивни, целта е да добиеме повратни информации за да можеме да воведеме заштитни мерки за безбедност и приватност и да ги подобриме функциите пред јавното лансирање, изјавил портпаролот.

24 септември 2026 - 12:26